• четврток, 25 декември 2025
МИА Општински пул

23 декември 2025

Струга - Градоначалникот на Општина Струга Менди Ќура денеска на прес-конференција обвини дека политичките структури од НАИ, СДСМ и независната листа на Рамис Мерко формирале тајна коалиција со цел да го блокираат работењето на Општината. Ваквата ракција доаѓа откако вчера пропадна и третиот обид за избор на претседател на општинскиот Совет поради немање кворум. Седницата ја напуштија осуммината советници на НАИ, а тројцата од независната листа на Мерко и единствениот советник на СДСМ воопшто не се појавија. 

- Вчера излезе на површина една голема вистина. Граѓаните јасно видоа кој со кого во реалноста е во коалиција, на штета на граѓаните. Тоа се старите политички структури во Струга, кои продолжуваат да бидат здружени на штета на Струга и на интересите на граѓаните. Деновиве сме сведоци како овие структури, кои ги носат амблемите на НАИ, СДСМ и Листата Мерко, имаат формирано тајна коалиција со цел да ги парализираат општинските институции, да го блокираат развојот на општината и благосостојбата на граѓаните, рече Ќура.

Со бојкотирањето на седницата, според него, НАИ, СДСМ и листата Мерко покажале дека воопшто не им се важни граѓаните и проектите, туку исклучиво нивните лични интереси.

Штип - Факултетот за образовни науки (ФОН) при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип со свечена академија денеска одбележа  30 години од своето постоење. Деканот на ФОН при УГД-Штип, Трајче Стојанов по повод 30 годишниот јубилеј истакна дека на овој факултет се создавале учители и педагошки кадар кои го носат образованието низ целата држава.

-Ова значи дека оваа долга традиција не обврзува да продолжиме да работиме во истата насока, дури и уште понапорно за да ги достигнеме врвовите на нашите претходници. Во план е акридетирање на нови студиски програми, така што се зголемува Факултетот за образовни науки и се шири во сите дисциплинарни подрачја на педагошката наука, кои треба да одговорат на современите предизвици. Учители секогаш ќе требаат, да се согласувам дека финансиската состојба е навистина таква како што е, но видете сите ние ова го работиме првенствено од љубов кон професијата, рече Стојанов.

Тој истакна деја  вештачката интелигенција е сериозен предизвик и за учителите, воспитувачите.

Неготино -  Лишен од слобода бил жител на неготинското село Криволак, му биле пронајдени пиротехнички средства, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес. 

-Утрово во 07:40 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го лишија од слобода И.Р.(34) од с.Криволак, неготинско. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, пронајдени и одземени се пиротехнички средства. Тој е приведен во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од СВР Велес.

Битола - Од денеска, Советот на Општина Битола, за седниците на комисиите и седниците на општинскиот Совет имплементира електроско гласање.

Според претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, со електронско гласање ќе се обезбеди поголема транспраентност во локалната самоуправа.

-Воведовме пилот-проект за електронско гласање, побрзо, поефикасно и потранспарентно од кога било досега. На денешната Комисија за јавни дејности, членовите имаа можност практично да го тестираат системот, а во периодот што следи истиот ќе биде применет и на останатите комисии, истакна Бојкоски.

Системот за електронско гласање е целосно изработен од вработените во ИТ одделението на Општина Битола.

Делчево - Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, денес изврши увид на дел од улицата „Драмечка“, како и на крак од истата улица, каде што во моментов се реализира проект за изградба на дел од улицата и дел од атмосферската канализација.

Како што информира Гоцевски, целта на теренската посета била директно запознавање со текот и квалитетот на досегашните градежни активности. 

-Проектот предвидува изградба на улица со вкупна должина од 155 метри, со што значително ќе се подобрат условите за сообраќај, безбедно движење и ефикасно одведување на атмосферските води во овој дел од градот, информира Гоцевски.

Вкупната вредност на проектот изнесува 2.862.015 денари, средства кои се обезбедени од Министерството за транспорт на Република Македонија. 

Скопје - Од 28 до 30 декември во паркот „Шопен“ во општина Кисела Вода ќе се одржува манифестацијата „Новогодишна приказна“. Ќе настапат македонските музичари Антониа Гиговска, Либеро бенд, Миле Кузмановски со бенд, Ди Џеј Марио со труба, Игор Димовски и бендот „Пауза за ракија“, Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама, напишана од Трајче Кацаров, Бока Конга и Боби Сакс.

- Општина Кисела Вода навистина се грижи за граѓаните и организираме предновогодишна забава за заедно да почнеме со убава атмосфера и да ги пречекуваме новогодишните празници. За таа цел од 28 до 30 декември во паркот „Шопен“ организираме три дена новогодишни случувања со богата новогодишна програма, каде ќе учествуваат само македонски изведувачи, соопшти градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска на денешната прес-конференција во Домот на култура „Билјана Беличанец“.

Велес - Гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес синоќа со свеченост во салата на велешкиот театар одбележа 168 години од своето постоење. Основана е во далечната 1857 година, а се поврзува со учителствувањето на Јордан Хаџи Константинов - Џинот, и е прва во земјава каде започнало повисоко образование од основното.

На свеченоста пред присутните се обрати директорот Илија Попов кој потенцира дека јубилејот е значан за нив, но и за Велес кој е град на културата и град кој со векови бил носител - лулка на образованието.

-Од 1857 година во Велес било формирано училиште што организирало повисоко образование од основното. Од тогаш започнуваат почетоците на институцијата која ќе стане синоним за квалитетно образование и интелектуален развој. Низ децениите Гимназијата го делела судбинскот пат на народот. Го преживеала Османлискиот период, Илинденското востание, Балканските и двете Светски војни. Во неа се образовале генерации што подоцна низ цела Македонија ги ширеле писменоста, свеста и знаењето. Почетоците на Гимназијата се поврзани со дејноста на Јордан Хаџи Константинов-Џинот како одговор на потребата на младите велешани да добијат повисоко образование. Со растот на градот растела и Гимназијата менувајќи ги своите простории, но никогаш и својата мисија. Особено значајно во историјата на Гимназијата е учебната  1945/46 година кога наставата за првпат започнува на мајчин македонски јазик,а истата година Наставничкиот совет донел одлука Гимназијата да го носи името на Кочо Рацин. Со нашето чествување ние не му оддаваме само почит на поетот, туку и на вредностите што тој ги живеел и оставил во аменет, потенцира Попов.

Кочани - Во изминатиот период во ОВР Кочани граѓаните пријавиле повеќе кривични дела „измама” кои се извршени врз повозрасни лица.

Сторителите ги доведувааат во заблуда  лицата на тој начин што им се јавуваат телефонски и им се претставуваат како службени лица, најчесто полициски службеници, и од нив бараат финансиски средства за  ослободување од кривичен прогон на нивни блиски кои, наводно, предизвикале сообраќајна несреќа со смртни последици, информира СВР Штип.

Измамниците ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и преку мобилен телефон со скриен број, а за да бидат поуверливи во позадина се слуша глас кој бара помош.

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека се преземаат мерки и активности за расчистување на досега пријавените кривични дела и воедно  апелира да не наседнуваат на ваквиот вид измами, а доколку бидат контактирани, веднаш да пријават во полиција, се наведува во соопштението. 

Дебар - Во просториите на Дебарското муфтиство беше одржан работен состанок, на кој беше спроведена постапката за избор на новите членови на џамиските одбори, како и членовите на Муфтиството и Меџлисот на Исламската верска заедница, објави Муфтиството.

На писутните им се обратил Дебарскиот муфтијата Решат ефенди Качалнику, кој на новоизбраните членови им посакал успех.

-Состанокот помина во конструктивна и работна атмосфера, со цел унапредување на организацијата и функционирањето на верските институции во рамките на Исламската верска заедница. На крајот од состанокот свечено им беа доделени и декретите на новоизбраните мутевелии, со што официјално се заокружи целиот процес, стои во објавата.

Остани поврзан