МИА Општински пул
- 24 декември 2025
24 декември 2025
Струмица - Синоќа во 01:45 часот било пријавено дека е пронајдена почината старица во езерцето во Градскиот парк во Струмица.
Според полицијата, станува збор за Л.К.(71) од село Едрениково, струмичко, без знаци на живот.
-Лекар од Итната медицинска помош Струмица констатирал смрт, а увид изврши екипа на СВР Струмица. По наредба на обвинител телото на починатата е дадено на обдукција, соопштија од СВР Струмица.
Веста за МИА првично ја потврдија и од Регионалниот центар за управување со кризи во Струмица.
Дебар - Општина Дебар како дел од своите активности за заштита на животната средина, во соработка со Јавното комунално претпријатие „Стандард“, организираше тридневна еколошка акција фокусирана на чистење на дивите депонии низ градот, со посебен фокус на централното градско подрачје.
Нертил Османи, директор на претпријатието за МИА информира дека за овие три дена подигнати се над 12 тони отпад.
-Вклучени бевме со сите расположливи капацитети и сметам дека дадовме конкретен придонес за подобрување на хигиената и чистотата во градот. Овие активности нема да завршат тука, туку ќе продолжат како дел од нашата секојдневна работа, со главна цел градот да ја добие заслужената чистота, рече тој.
Активностите на терен одблиску ги следеше градоначалникот Фисник Меља, кој ја истакна важноста на институционалниот ангажман за заштита на животната средина и подобрување на условите за живот на граѓаните, во што треба да придонесат и самите.
-Остануваме посветени на реализација на вакви активности и во иднина. Посебна почит кон комуналците кои го светнаа градот пред претстојните празници и доаѓањето на иселениците во родниот крај. Апелирам до граѓаните на соработка и континуирана свесност за одржување на чиста животна средина. Посакувам заедно да го наравите Дебар најчист град не само во државата туку и пошироко, рече Меља.
Охрид – Во дворот на Гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид вечерва ќе се проектира 3Д мапинг музичко-сценско шоу осмислено од страна на режисерот Илија Пиперкоски, со видео-анимации и 3Д мапинг изработени од Јовица Смилески и Милчо Узунов.
Настанот наречен „Ехото на Охрид“ е замислен како аудио-визуелно инспиративно доживување — синергија од светлина, звук и архитектура. Фасадата на Гимназијата ќе стане „жива сцена“ преку оригинални 3Д-секвенци, динамичен ритам и прецизен мапинг, создавајќи современо искуство за сите возрасти.
Како што соопштуваат самите автори, тоа е приказ на чиста визуелно-музичка експресија која го слави моментот и просторот.
-Фасадата на гимназијата, со нејзиниот историски неокласицистички стил, симболично претставува ‘платно на минатото’ што се трансформира во ‘портал кон иднината’. Со помош на два професионални проектори од 30 илјади лумени, зградата ќе се ‘оживее’ преку 3Д мапинг – колоните ќе станат стебла на животот, прозорците ќе се претворат во портали кон ѕвездите, а целата структура ќе пулсира во ритамот на музиката. Овде, ја адаптираме таа приказна за локален контекст, поврзувајќи ја со богатата историја на Охрид како центар на просветителството и културата, и ова е начин да се поврзе историјата со иднината, поттикнувајќи размислување за нашето место во универзумот, велат креаторите.
Штип – Штипското комунално претпријатие „Исар“ ги намалува вкупниот долг и кон вработените и кон добавувачите. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски вели дека до крајот на наредната година би требало да ги подмири сите долгови по разни основи. Во моментот се исплаќа заостанат регрес за годишен одмор. Тој истакна и дека во моментов се работи и на Програмата за работа за наредната 2026 година.
-Моменталната ситуација покажува дека ЈП „Исар“ навремено, редовно и тековно ги сервисира сите обврски кон добавувачите. Моментално ги исплаќаме заостанатите регреси за годишен одмор. Се прави и Програмата за работа на ЈП „Исар“ за 2026 година. Истата покажува дека на крајот на 2026 година јавното претпријатие треба да бележи некоја симболична добивка од околу 400.000 до 500.000 денари, изјави Арсовски.
Тој додаде дека на месечна основа се плаќаат рати по основ на разни добавувачи, по основ на електирчна енергија, како и рати за кредитот.
Битола - Министерството за култура на Индија, организатор на меѓународната изложба на уметност за деца „Fragrance of Art Buds” додели седум награди за членови на Детско ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола.
Наградите од Индија во Битола ќе бидат врачени на ученичката Ана Марија Спировска која доби златен медал „Винсент Ван Гог“, златен медал со учество на следна изложба на Сирма Спирковска, а фестивалски награди ќе бидат доделени и на Анабела Јовчевска, Сара Сотировска, Ивана Влкановска, Луна Петковски и Јана Мојсовска, сите членови на ДЛС „Св. Кирил и Методиј“-Битола.
Меѓународниот ликовен фестивал во Индија, чиј организатор е тамошното Министерство за култура, секоја година се одржува во чест на годишнината од независноста на Индија, а Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола, како единствен македонски претставник на светскиот ликовен конкурс учествува 30 години во континуитет.