МИА Општински пул
- 23 декември 2025
23 декември 2025
Битола - Есенската сеидба во битолскиот дел на Пелагонија заврши, изјави за МИА Стојан Христовски, раководител на Подрачната единица (ПЕ) на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во Битола.
Според него, есенската сеидба успешно е реализирана, а пелагониските земјоделци може во наредните два дена, до 25 декември да ја искористат приликата и да поднесат барања за финансиска поддршка во органското производство.
-Пченицата беше планирана да се посее на површина од 12 000 хектари и тоа е целосно завршено, јачменот беше планиран да се посее на 2 700 хектари и тој е целосно посеан, исто така стопроцентно посеани се површините со фуражни култури кои во Пелагонија се на 300 хетари, додека на површина од 600 хектари, целосно е посеано тритикалето. Во оваа есенска сеидба маслодајната репка беше планирана на 11 000 хектари и исто така и таа е целосно посеана, потврди Христовски.
Од ПЕ на МЗШВ во Битола потсетуваат дека до 25 декември е отворен јавниот повик за земјоделците да аплицираат за финансиска поддршка во органското производство.
-Нашите канцеларии во Битола, Могила и Новаци се постојано отворени за информирање, помош и поддршка. Пепорачувам земјоделците да ја искористат финансиската поддршка за преработка на органски производи, поддршка има и за трговија или маркетинг на свежи и преработени органски производи, како и посебни директни плаќања за стручна контрола и сертификација, односно 50 насто од трошоците за добиен сертификат издаден од овластено тело во 2025 година, посочи Христовски.
Струмица - Во текот на претстојниот празничен период, ризикот од пожари во објектите се зголемува поради невнимателната употреба на празничните украси, од светла до свеќи и прскалки. Особено е важно да се нагласи дека новогодишните елки и разните пластични украси лесно горат, а огнот може брзо да се прошири на околниот мебел, соопштија денеска од ТППЕ Струмица.
Според пожарникарите, важно е да се следат нивните совети и препораки и да не се оставаат запалени свеќи без надзор, да не се користат неисправни светилки, да не се палат прскалки на елката, а доколку се појави пожар да се затворат вратите и прозорците за да се спречи ширење на чадот и топлината.
Во апелот се додава дека празничниот период се совпаѓа со грејната сезона, па затоа пожарникарите потенцираат дека треба одговорно однесување при отстранување на пепелта.
-Без оглед на ниските температури, ако времето е суво, врелата пепел во контакт со запаливи супстанции како што се картонска амбалажа, разни отпадни хартии и слично станува опасна причина за пожар. Имено, жарчињата од пепелта претставуваат потенцијален извор на палење до 24 часа по отстранувањето и затоа пепелта фрлете ја на одредено место или во метален сад и изгасете ја со вода по отстранувањето, советуваат струмичките пожарникари.
Апелираат до граѓаните да ги следат нивните совети за одговорно однесување и претстојната празнична сезона да помине безбедно и мирно.
Гевгелија - Вечер во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија ќе биде отворена самостојната изложба на гевгелискиот визуелен уметник, Иван Кал’чев, посветена на уметноста на суисеки-древна визуелна и духовна практика која ја слави природата во нејзината најчиста форма, информираа од локалната самоуправа.
Во информацијата се наведува дека изложбата ќе понуди 18 до 19 дела, изработени со внимателна комбинација на камен, дрво и песок, со димензии од 5×5×8 сантиметри до 30×20×20 сантиметри. Секоја композиција носи сопствена визуелна и симболичка нарација, овозможувајќи на посетителот простор за тивка контемплација и лично доживување.
-Суисекито се темели на способноста на еден камен, земен директно од природата и презентиран без интервенции, да буди емоции, асоцијации или визуелни слики кои надминуваат неговата материјална форма. Потеклото на оваа уметност се врзува со кинеската традиција, а во Јапонија се развива уште во 6 век, паралелно со појавата на првите изложби на бонсаи во западниот свет, стои во информацијата за изложбата.
Охрид – Полицијата соопшти дека во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмоље.
Со тоа, како што посочуваат од СВР – Охрид, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга, Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
Од полицијата се упатува апел до возачите при користење на тој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и останатата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност.