• сабота, 21 февруари 2026

„Месни поклади“ во манастирот „Свети Спас“ во организација на жените од здружението „Златни срца“

„Месни поклади“ во манастирот „Свети Спас“ во организација на жените од здружението „Златни срца“

Виница, 16 февруари 2026 (МИА) - Здружение на жени „Златни срца“ од Виница, вчера во атарот на манастирот „Св. Спас“ во село Драгобраште ја организираше манифестација „Месни поклади“.

Настанот имаше за цел да ги обедини граѓаните и да придонесе кон зачувување на традицијата, верата и културното наследство. Преку ваквите собири се негуваат вековните обичаи, се зајакнува заедништвото и се поттикнува почитта кон духовните вредности, велат членките на „Златни срца“ .

Членките континуирано организираат настани со кои се негува македонската традиција и се зачувуваат корените на локалната заедница. Нивната мисија е преку активностите што ги организираат да внесат топлина, добрина и духовност во секој настан што го реализираат.

И оваа манифестација, како и повеќето претходни активности на здружението, имаше хуманитарен карактер. Средствата собрани од продажбата на домашно подготвената храна, изработена од бројни домакинки, ќе бидат донирани за потребите на манастирот „Св. Спас“.

Општина Виница, се наведува во соопштението од локалната самоуправа, дава поддршка на настани од ваков карактер, кои истовремено ги поврзуваат луѓето, ја зачувуваат културата и верата и ја поттикнуваат хуманоста.

На овој настан присуствуваа градоначалникот Митко Костадиновски и пратеничката во Републичкото собрание, Даниела Христова.  Во знак на поддршка за она што го прават жените од здружението „Златни срца“, Костадиновски и Христова засадија плодородни и зимзелени дрвца во дворот на манастирот „Свети Спас“.ис/са/

фото: ЗЖ „Златни срца“

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан