Лагард: Последиците од војната со Иран ќе бидат долготрајни
- Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, го критикува тврдењето на американскиот министер за финансии, Скот Бесент, дека економските последици од војната со Иран би биле краткотрајни, јави „Блумберг“ повикувајќи се на извори.
Франкфурт, 1 април 2026 (МИА) - Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, го критикува тврдењето на американскиот министер за финансии, Скот Бесент, дека економските последици од војната со Иран би биле краткотрајни - јави „Блумберг“ повикувајќи се на извори.
Таа за време на видеоповик зад затворени врати со гувернерите на централните банки, министрите за финансии и министрите за енергетика на Г7, истакнала дека последиците ќе се чувствуваат долго време „бидејќи толку многу веќе е уништено“, рекле изворите.
Бесент инсистира на тоа дека кризата на пазарот на нафта предизвикана од затворањето на Ормуската Теснина е привремена тврдејќи дека пазарот на нафта е добро снабден и дека Теснината меѓу Иран и другите земји од Заливот би требало повторно да се отвори набргу.
Лагард претходно наведе дека ЕЦБ предвидува дека инфлацијата ќе достигне врв од 6,3 проценти, што е предвидување засновано на акутните нарушувања во снабдувањето со енергија, кои ќе траат до крајот на 2026 година, и на значителното понатамошно уништување на инфраструктурата.
- Се соочуваме со вистински шок - тоа веројатно е над она што можеме да го замислиме во овој момент - рече Лагард во интервју за „Економист“.
Кога станува збор за вадењето нафта, рафинирањето и дистрибуцијата, таа предупреди дека „премногу веќе е оштетено и нема начин тоа да се обнови за неколку месеци“.
Земјите од Г7 соопштија дека се подготвени да ги преземат „сите неопходни мерки“ за да ги „зачуваат стабилноста и безбедноста на енергетскиот пазар“. „Блумберг“ напоменува дека несогласувањата ги одразуваат растечките тензии меѓу САД и Европа во услови на растот на цените на енергијата и ризиците за логистиката. Според агенцијата, инфлацијата во еврозоната во март забрза со најбрзо темпо од 2022 година.
Во соопштението по видеоповикот, учесниците на Г7 изразија подготвеност да ги преземат сите неопходни мерки за да ги одржат стабилноста и безбедноста на енергетскиот пазар, а исто така ја нагласија важноста на координирана акција за ублажување на последиците од војната во Заливот и заштита на глобалната економска стабилност, напоменува агенцијата. јт/мс
Фото: МИА архива