Кремљ остро ги отфрла обвинувањата дека Русија стои зад труењето на Навални
- „Секако, ние не ги прифаќаме таквите обвинувања. Не се согласуваме со нив. Ги сметаме за пристрасни и неосновани. Всушност, остро ги отфрламе“, рече Песков.
Москва, 16 февруари 2026 (МИА) - Кремљ денеска остро ги отфрли обвинувањата од пет европски земји дека Русија го убила лидерот на опозицијата Алексеј Навални пред две години користејќи токсин од отровна јужноамериканска жаба.
Навални, најистакнатиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија, почина на 16 февруари 2024 година во казнена колонија во рускиот Арктик. Денеска, во Русија и во целиот свет ќе се одбележи втората годишнина од неговата смрт.
Рускиот дисидент почина на 47-годишна возраст, еден месец пред Путин да биде реизбран со убедлива победа на изборите, што западните земји ги оценија како нерегуларни.
Обединетото Кралство, Франција, Германија, Шведска и Холандија во заедничка изјава во саботата изјавија дека анализите на примероците од телото на Навални уверливо го потврдиле присуството на епибатидин, токсин што се наоѓа во јужноамериканските отровни жаби, која не се јавува природно на територијата на Русија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска им изјави на новинарите дека Москва има исклучително негативен став кон европските обвинувања за кои тврди дека се лажни.
„Секако, ние не ги прифаќаме таквите обвинувања. Не се согласуваме со нив. Ги сметаме за пристрасни и неосновани. Всушност, остро ги отфрламе“, рече Песков.
Руските власти, кои го прогласија движењето на Навални за екстремистичко и го забранија, претходно ги отфрлија обвинувањата на неговата вдовица Јулија Навални дека бил убиен од државата велејќи дека починал од природна смрт.
Во 2020 година Навални едвај преживеа обид за атентат откога беше отруен со хемискиот агенс новичок.сд/рп/
Фото:ЕПА