Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји му порача на израелскиот колега Саар дека нападите врз Иран мора да прекинат
- Кина се спротивставува на воените напади на Израел и САД врз Иран и бара итно прекинување на воените дејствија, му кажал во телефонски разговор денеска кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на својот израелски колега Гидеон Саар, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Пекинг, 3 март 2026 (МИА) - Кина се спротивставува на воените напади на Израел и САД врз Иран и бара итно прекинување на воените дејствија, му кажал во телефонски разговор денеска кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на својот израелски колега Гидеон Саар, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
„Силата не може навистина да ги реши проблемите; напротив, таа често создава нови и остава сериозни долгорочни последици. Вистинската вредност на воената моќ не е на бојното поле, туку во спречувањето на војната“, му рече кинескиот министер за надворешни работи на својот израелски колега.
Ванг, исто така, му порача на Саар дека Кина верува во решавањето на меѓународните и регионалните прашања преку дијалог и преговори и „ќе продолжи да игра конструктивна улога во смирувањето на ситуацијата“.
Денешниот повик следува по трите телефонски разговори што кинескиот дипломат ги имаше вчера со министрите за надворешни работи на Иран, Оман и Франција, повикувајќи ги земјите од Заливот да се обединат за да се спротивстават на странското „мешање“.
За кризата во Иран, Ванг Ји во неделата телефонски разговараше и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Сепак, највисокиот кинески дипломат не разговарал со американскиот државен секретар Марко Рубио од почетокот на американските и израелските напади врз Иран во саботата, кога врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи беше меѓу убиените високи ирански функционери. рп/мс/
Фото: ЕПА