• петок, 18 септември 2026

Истражување: Од едно до 10 деца на возраст од 12 до 17 години биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета од технологијата

Истражување: Од едно до 10 деца на возраст од 12 до 17 години биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета од технологијата

Скопје, 26 август 2026 (МИА) - Од едно до 10 деца на возраст од 12 до 17 години во период од една година во државата биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата, што претставува 12.000 деца на национални ниво. Од нив, 48 отсто биле изложени на повеќе од една форма на злоупотреба или експлоатација. Еднакво се засегнати и момчињата и девојчињата. Во 78 отсто од случаите сторителот бил лице познато на детето, а само во пет отсто од случаите сторителот бил непознат за детето - покажува извештајот од резултатите од истражувањето Disrupting Harm.

Во 57 отсто од случаите сторителите биле возрасни лица наспроти 22 отсто во кои биле вклучени врсници. Во 39 отсто од случаите бил вклучен сегашен или поранешен интимен партнер или лице кон кое детето чувствувало симпатии, а во 27 отсто бил вклучен член на семејството. Во 52 отсто од случаите биле вклучени платформи на социјалните медиуми, а 30 отсто се случиле преку платофрми за онлајн-игри. Најчесто пријавувани платформи биле „Инстаграм“ (76 отсто), „Снепчет“ (55 отсто), „Тик-ток“ (51 отсто), „Ватсап“ (40 отсто), „Фејсбук“ (34 отсто), „Јутјуб“ (29 отсто) и „Икс“ (21 отсто). Најчеста форма е изложувањето на децата на сексуална содржина без нивна согласност, а друга форма вклучувала барања децата да споделат фотографии или видеа на кои се прикажани нивните интимни делови.

Децата изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата имале 11 пати поголема веројатност да се самоповредат и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли и однесувања и доживуваат значително повисоки нивиа на анксиозност. Засегнатите деца често доживувале срам, губење контрола, тешкотии со дишењето, стрес, ансиозност... Иако 88 отсто од децата ја октирле злоупотребата некому, пријавувањето до формалните служби било исклучително ретко: само еден отсто пријавиле во полиција, еден отсто во центри за социјална работа, а 0,2 отсто контактирале линија за помош, покажуваат резултатите од истражувањето.

Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени на презентацијата на извештајот рече дека тој е важен чекор во заедничката заложба да ги разберат и адресираат ризиците што ги носи дигиталната средина за најранливите, за децата.

- Во процесот на спроведување на истражувањето УНИЦЕФ зазеде сеопфатен и инклузивен процес, кој ги обедини институциите, стручната јавност и граѓаните. Ваквиот интегриран пристап, како национален напор што ја обединува секоја релевантна перспектива и е насочен кон изградба на силен систем на превенција и заштита, ја носи пораката дека заштитата на децата е заедничка одговорност и дека само преку инклузивност, партнерство и национална посветеност можеме да создадеме безбедна дигитална иднина за секое дете. Оваа тема има длабоко значење за нашето општество, нашите семејства, училиштата и заедниците се соочуваат со нови предизвици, кои произлегуваат од брзата дигитализација, начинот на комуникација и учењето, кои носат огромни придобивки, но и нови можности за злоупотреба на експлоатацијата. Неопходно е да ги слушнеме и гласовите на експертите, да ги примениме препораките и да ги усогласиме институционалните одговори со реалните потреби на децата и нивните семејства - рече Исени.

Извештајот, посочи тој, ни помага да ја согледаме реалната состојба во општеството, како се однесуваат младите онлајн, кои ризици се најчести и каде институциите треба да интервенираат поефикасно.

- Тој нуди насоки на зајакнување на законската рамка, за поддршка на професионалците што работат со деца и за унапредување на практичните механизми за превенција и заштита. Извештајот е практичен инструмент, а не само аналитичка вежба. МВР има клучна улога преку превентивни активности, подигнување на јавната свест и зајакнување на соработката со меѓународните партнери, работиме на создавање побезбедна средина за децата. Нашите напори се насочени кон конретни резултати, превенција на злоуптреба, навремено откривање на ризиците и обезбедување институционална поддршка за најранливите - истакна Исени.

Додаде дека МВР продолжи да ги унапредува капацитетите на полицијата и на службите за заштита, да ги зајакнува механизмите за кооординација со образовните и социјалните служби и да поддржува програми за едукација и дигитална писменост.

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, рече дека поддржан од Safe Online и заеднички имплементиран од ECPAT International, ИНТЕРПОЛ и УНИЦЕФ, извештајот ги спојува гласовите и животните искуства на децата со докази од домаќинства и професионалци што работат во областа на заштитата на децата, образованието, спроведувањето на законот и правдата.

Таа посочи дека наодите се многу застрашувачки и повикуваат на итна, одлучна и координарана акција од страна на граѓанското општество, институциите, приватниот сектор и заедниците. 

- За жал, наодите се длабоко загрижувачки откривајќи криза во заштитата на децата во дигиталната доба. Тие исто така потврдуваат дека ова не е само онлајн-проблем: тој е вкоренет во секојдневните средини на децата - честопати движејќи се помеѓу дигиталните и физичките простори. Нема сомнение дека од децата не може и не треба да се очекува да се заштитат од злоупотреба. Одговорноста е кај нас возрасните, да спречиме штета, ефикасно да реагираме и да создадеме безбедни средини за децата - и офлајн и онлајн. Како такви, наодите од ова истражување бараат наше внимание и колективно внимание. Ова е скриена криза. Јазот меѓу преваленцијата и пријавувањето покажува дека повеќето случаи остануваат невидливи за формалните систем - рече Милер.

Според неа, штетата е сериозна, децата погодени од овој облик на злоупотреба имаат многу поголема веројатност да доживеат анксиозност, самоповредување и самоубиствени мисли и однесување.

- Довербата во институциите мора да се зајакне. Срамот, стигмата, стравот од обвинување и заканите од сторителите ги спречуваат децата да бараат поддршка. Координиран одговор на Владата е од суштинско значење. Ниедно министерство не може само да се справи со овој предизвик. Заштитата на децата онлајн и офлајн бара активности во образованието, правдата, здравството, социјалните услуги, спроведувањето на законот и дигиталното управување. Зад секоја статистика во овој извештај стои дете чија доверба е нарушена, чија безбедност е компромитирана и чија благосостојба е во опасност. Додека повеќето деца ги споделуваат своите искуства со оние што им се најблиски, многу малку добиваат заштита, поддршка и правда, кои им се потребни - додаде Милер.

Истражувањето е дел од повеќедржавната програма Disrupting Harm, финансирана од Safe Online, а спроведена од ECPAT International, INTERPOL и Канцеларијата за истражување и предвидување на УНИЦЕФ - Innocenti, во партнерство со национални институции и организации. рп/са/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа