Иницијатива на „Македонија 2025“ за оддавање признание на припадниците на дијаспората за 2026 година
- „Македонија 2025“, во соработка со Кабинетот на претседателката на Македонија, ги повикува граѓаните, институциите, организациите и сите релевантни фактори во земјата и странство активно да се вклучат во процесот на номинирање кандидати за признанието за придонес на припадниците на дијаспората за 2026 година.
Скопје, 20 февруари 2026 (МИА) - „Македонија 2025“, во соработка со Кабинетот на претседателката на Македонија, ги повикува граѓаните, институциите, организациите и сите релевантни фактори во земјата и странство активно да се вклучат во процесот на номинирање кандидати за признанието за придонес на припадниците на дијаспората за 2026 година.
Крајниот рок за доставување на номинации е 20 март 2026 година (23.59 часот) по електронски пат на адресата: diasporarecogni8on@macedonia2025.com. Селекцијата се спроведува од страна на независна комисија составена од истакнати поединци и претставници на релевантни институции од земјата и странство. Повеќе информации за повикот може да се најдат на следниот линк.
- Со овој повик упатуваме јавен апел да се препознаат и предложат оние поединци/организации од дијаспората, кои со својата работа, знаење, интегритет и посветеност оставиле видлив и траен белег врз развојот на Македонија. Признанието е наменето за физички лица по потекло од Република Македонија, без оглед дали поседуваат македонско државјанство, кои преку лична иницијатива или преку организации и мрежи придонеле за економски, општествен, образовен, научен, културен или хуманитарен напредок на земјата или ја афирмирале Македонија на меѓународната сцена - велат од „Македонија 2025“.
Ова признание, додаваат, претставува симболично, но суштински важно признание за несебичниот придонес даден без лична корист - преку донации, инвестиции, отворање можности за соработка, трансфер на знаење, волонтерска работа, застапување на македонските интереси или промоција на македонската култура и вредности во светот.
- Ги охрабруваме сите што знаат за вакви примери на посветеност и општествена одговорност да ги предложат овие личности. Номинации може да поднесат домашни и странски физички лица, здруженија на граѓани, владини и невладини организации, асоцијации, како и функционери и вработени во државни органи. Признанијата се доделуваат во разни области во согласност со конкретниот придонес на номинираното лице, меѓу кои: филантропија и социјално влијание, бизнис и претприемаштво, академска и истражувачка извонредност, лидерство и застапување, уметност и култура, хуманитарна работа, иновации и технологија - посочуваат од „Македонија 2025“.
Признанијата, како што велат, ги врачува претседателот на Македонија во форма на повелба и плакета на свечен настан во рамките на самитот на „Македонија 2025“ или друг пригоден настан.
- Иницијативата e воспоставена во 2023 година со цел институционално и јавно да им се оддаде признание на членовите на дијаспората, кои придонесуваат за својата татковина. Таа создава простор за изразување благодарност кон оние што, иако живеат и работат надвор од земјата, остануваат активен и значаен дел од нејзиниот напредок. До денес се врачени четири признанија, со што се поставија темели на традиција што го афирмира позитивниот пример и ја јакне врската помеѓу дијаспората и Македонија - прецизираат од „Македонија 2025“.
Повеќе за претходните добитници: h4ps://macedonia2025.com/award/recogniAon-for-diaspora-contribuAon/ вј/са/
Фото: Македонија2025