Илина Арсовска, ученичка во трета година во кумановската Гимназија „Гоце Делчев“, дел од македонскиот тим на Европската женска математичка олимпијада
- Тимот го сочинуваат четири ученички, меѓу нив и Арсовска која по втор пат учествува на престижниот натпревар на кој се натпреваруваат ученици од 50 држави.
Куманово, 4 февруари 2026 (МИА) - Илина Арсовска, ученичка во трета година во кумановската Гимназија „Гоце Делчев“, повторно ќе биде дел од македонскиот тим на Европската женска математичка олимпијада, која годинава ќе се одржи во април во Бордо, Франција. Тимот го сочинуваат четири ученички, меѓу нив и Арсовска која по втор пат учествува на престижниот натпревар на кој се натпреваруваат ученици од 50 држави.
Арсовска вели дека претставувањето на училиштето, Куманово и државата ѝ претставува чест и голема одговорност.
-Со задоволство би сакала да ги претставам и училиштето и државата и се надевам дека ќе се вратам со успешни резултати. Во тимот имаме четири ученички од цела Македонија и заеднички ќе се бориме за награда, но индивидуално се натпреваруваме, изјави гимназијалката.
Нејзиниот натпреварувачки пат започнува уште во основно училиште. Со години наназад Арсовска редовно учествува и освојува високи резултати, први места на различни нивоа на натпревари, градејќи континуитет што ја доведе и до европската олимписка сцена.

-Клучен чекор беше успешниот настап на македонската математичка олимпијада, по што добив можност да учествувам на меморијалниот натпревар „Александар Блажевски – Цане“. Токму овој натпревар претставува и квалификациски филтер за избор на тимот што ќе настапи на европското првенство, објасни Арсовска.ам/вј/
Фото: МИА