• петок, 20 февруари 2026

Израел планира воен трибунал за 300 обвинети за нападот од 7 октомври

Израел планира воен трибунал за 300 обвинети за нападот од 7 октомври

Тел Авив, 17 февруари 2026 (МИА) - Израел планира да ги изведе обвинетите за нападите од 7 октомври 2023 година пред специјален воен трибунал, објавија денеска израелските медиуми цитирајќи ја државната обвинителка Гали Бахарав-Мијара, јавува ДПА.

Таа изјави дека воени обвинители, а не цивилни, ќе ги подигнат обвиненијата врз основа на закон што го поминал првото читање во парламентот.

Симча Ротман, еден од пратениците што стојат зад законот, ги спореди планираните процедури со Нирнбершките судења од 1945 година, во кои високи нацистички воени злосторници беа изведени пред меѓународен воен трибунал.

Според израелски извори, повеќе од 3.000 члена на Хамас и други милитантни исламистички групи учествувале во нападот извршен од Појасот Газа придружувани од палестински цивили. Се тврди дека тие убиле повеќе од 1.200 луѓе и дека зеле повеќе од 250 заложници.

Според здравствениот орган контролиран од Хамас во Појасот Газа, повеќе од 72.000 Палестинци загинаа во војната што следуваше кога израелските сили влегоа во регионот.

Речиси 1.600 од вклучените во нападот се убиени, а други избегале од регионот, веруваат израелските власти. Израелската веб-страница за вести „Инет“ објави дека се подготвуваат обвиненија против повеќе од 300 члена на елитната единица „Нукба“ на Хамас.

Изданието објави дека обвиненијата би можеле да вклучуваат геноцид, повреда на суверенитетот или територијалниот интегритет на државата, почнување војна, помагање на непријателот во воено време, антитерористички дела и убиство.

Израел ја укина смртната казна за убиство во 1954 година, но ја задржува за одредени случаи, како што се нацистички воени злосторници и предавство во воено време. Последното лице што беше погубено беше високорангираниот нацистички воен злосторник Адолф Ајхман во 1962 година.

Кнесетот моментно дебатира за повторно воведување на смртната казна за терористички акти. мс/сд/

фото: Архива

Остани поврзан