• недела, 22 март 2026

Извештај: Бугарија останува предизвикувачка средина за независното новинарство и довербата во медиумите е ниска

Извештај: Бугарија останува предизвикувачка средина за независното новинарство и довербата во медиумите е ниска

Софија, 3 март 2026 (МИА) – Бугарија останува предизвикувачка средина за независното новинарство, се наведува во годишниот извештај за слободата на европските медиуми, составен со поддршка на Советот на Европа и претставен денеска во Брисел.

Во делот од документот посветен на Бугарија се забележуваат „скромни подобрувања“ во последните години, но се нотираат и длабока политичка поларизација, политичко и економско влијание врз уредувачката политика, како и правни и управувачки недостатоци. Безбедноста на новинарите е умерено подобрена во споредба со претходните години, се вели во извештајот. Физичките напади се релативно ретки, но непријателството од страна на политичарите, онлајн вознемирувањето и заканите придонесуваат за чувство на несигурност, се додава во текстот.

Довербата во органите за спроведување на законот останува ниска, со бавни и неефикасни истраги, а недостасува и национален систем за следење на нападите врз новинарите и медиумите. Иако не се регистрирани потврдени случаи на шпионски софтвер против новинари, Бугарија се етаблирала како центар за компании насочени кон технологии за надзор и постојат податоци дека алатки како Pegasus биле користени од властите во минатото, пишува во документот.

Правните закани против новинарите остануваат сериозен проблем, при што судските процеси, често покренати од големи бизниси, политичари или судии, се насочени кон истражувачкото новинарство, пренесува БТА. Обидот за измена на Кривичниот законик од октомври 2025 година и за воведување глоби и казни затвор до шест години за објавување лични информации без согласност, независно од јавниот интерес, претставува сериозна закана за слободата на медиумите, се дополнува во извештајот.

Се забележува дека бугарските медиуми се засегнати од политичко влијание, нетранспарентни сопственички структури и од економските потешкотии на малиот рекламен пазар. Државното рекламирање е нетранспарентно и создава можности за политизација, особено на регионално и локално ниво. Влијанието на санкционираниот олигарх Дељан Пеевски продолжува да предизвикува загриженост за индиректната политичка контрола врз делови од бугарската медиумска средина, пишува во документот. Пазарната концентрација останува висока, при што две основни групи — PPF Group и United Group — доминираат со клучни удели во радио и телевизиското дистрибуирање и телекомуникациите.

Додека група независни и истражувачки медиуми обезбедуваат висококвалитетна работа, нивниот број останува низок и нема внатрешни шеми за финансирање како поддршка на истражувачкото новинарство. Бугарската национална телевизија (БНТ) е во долготрајна криза поради неспособноста на Советот за електронски медиуми (СЕМ) да обезбеди мнозинство за избор на генерален директор, пишува во текстот, кој не го зема предвид изборот на Милена Милотинова.

При посетата на земјата минатата есен, авторите на извештајот разговарале со засегнатите страни и дознале дека политизацијата и недостатокот на ресурси се трајни проблеми за БНТ и СЕМ. Независноста на БНТ и Бугарското национално радио е попречена од ограниченото финансирање, политичкиот притисок и нерешената законодавна реформа, се посочува во извештајот.

Се додава дека пристапот до информации е ослабен поради нетранспарентноста на институциите и пречките при поднесувањето барања за пристап до информации. Ниските плати, несигурните услови за работа, ограниченото саморегулирање и ширењето на нискоквалитетни онлајн изданија го поткопуваат статусот на новинарската професија и придонесуваат за ниската доверба во медиумите, која во Бугарија е меѓу најниските во ЕУ, заклучуваат авторите. јт/сд/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан