Избори во Унгарија, МИА во Будимпешта: Излезноста во 15 часот урива рекорди - ја достигна конечната излезност во претходните изборни циклуси
- Излезноста на изборите во Унгарија продолжува да урива рекорди - во 15 часот таа достигна 66 проценти, бројка која во претходни изборни циклуси се гледала дури на крајот на денот.
Будимпешта, 12 април 2026 (МИА)
Цветин ЧИЛИМАНОВ, специјален известувач за МИА од Будимпешта
Излезноста на изборите во Унгарија продолжува да урива рекорди - во 15 часот таа достигна 66 проценти, бројка која во претходни изборни циклуси се гледала дури на крајот на денот.
Водечките партии ја поздравуваат високата излезност и сметаат дека тоа е доказ дека двете страни успеале да ја привлечат својата база на избори, како и огромен процент од обично неопределените гласачи.
Премиерот Виктор Орбан упати повик до граѓаните да продолжат да гласаат затоа што „мирот и безбедноста на Унгарија може да зависат од еден глас“.
- Рекордна излезност на изборите. Уште два часа до крај. Сега мора да притиснеме до крај. Гласајте и повикајте ги сите да гласаат, секој глас може да биде решавачки, порача Петар Маѓар, лидерот на опозициската партија Тиса.
Про-опозициските медиуми укажуваат дека изборните места со највисока излезност се во урбаните области на земјата што, според нив, е показател дека партијата Тиса има предност. Порталот 444 посочува дека излезноста е ниска во северо-источна Унгарија, која е најмалку развиен дел на земјата. Фидес ужива висока поддршка во оваа област. Највисока излезност, пак, се бележи во пошироките предградија на Будимпешта - која е наклонета кон опозицијата.

Од друга страна, унгарскиот про-владин медиум Индекс денеска го цитираше американскиот политички стратег Џон Меклафлин, кој работи на кампањите на Трамп и на Орбан.
Според Меклафлин, Фидес на Орбан има предност од 4 проценти пред Тиса и високата излезност и одговара на владејачката партија.
Американскиот експерт додава дека високата излезност е доказ дека изборната трка во нејзината целина била изедначена и дека граѓаните го чувствуваат тоа - за разлика од повеќемесечното инсистирање на опозицијата дека тие имаат недостижна предност над Орбан. цч/паг/
Фото: МИА