• петок, 15 мај 2026

Светски експерти по реконструктивна микрохирургија за МИА: Можете да бидете центар за микрохирушко ниво, но најважни се луѓето, не објектите

Светски експерти по реконструктивна микрохирургија за МИА: Можете да бидете центар за микрохирушко ниво, но најважни се луѓето, не објектите

Скопје, 11 мај 2026 (МИА)

Неда ДИМОВА-ПРОКИЌ

Светски лекарски имиња во реконструктивната микрохирургија, кои беа едукатори на Skopje Flap Course, кој е единствен од ваков вид на Балканот, во разговор за МИА велат дека Северна Македонија може да биде потенцијален центар во оваа област доколку се инвестира во ова поле бидејќи, како што посочуваат, најважни не се секогаш објектите и зградите, туку ентузијазмот и стручноста на младите лекари што ги виделе тука во Скопје.

Познатиот доктор и професор по реконструктивна микрохирургија на Универзитетот во Мексико, Ерик Сантамариа, понатаму, д-р Јауме Масија oд Шпанија, кој воведува иновативни техники во реконструктивната микрохирургија, и Марко Иноченти од Италија, доктор и професор на Универзитетот во Болоња, во изјави за МИА велат дека во нашата земја има добри стручњаци во ова оваа област и големи ентузијасти и земјата може да биде потенцијален центар за микрохирургија во регионот доколку се инвестира во ова поле.

Скопје беше домаќин на познати светски имиња во микрохирургијата на Skopje Flap Course, кои ги едуцираа младите специјализанти за најновите достигнувања во реконструктивната микрохирургија - поле во медицината што се развива со интензивна динамика и бара постојано надградување на знаења, вештини и ресурси.

Инаку, ова е трето издание на Skopje Flap course и претставува значаен настан што ги собира водечките експерти за да предаваат реконструктивна хирургија преку обуки, работилници и практични вежби за дизајнирање микрохируршки резени, што се користат за рекoнструкција, форма и функција по повреди, малигни заболувања и вродени аномалии.

Фото: Skopje Flap Course - светски познати доктори вршат едукација во реконструктивната микрохирургија

На овој курс, кој е единствен од ваков вид на Балканот, имаше учесници од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Косово Бугарија, Турција, Италија, Шпанија, Холандија, Чешка, Германија и од Унгарија. 

МИА разговараше со тројца најпознати доктори во светот од оваа област, кои посочуваат дека на овој курс првенствено сакале да ги инспирираат младите генерации да напредуваат во ова поле во медицината.

Д-р Ерик Сантамарија, чија специјалност се глава и врат, за МИА вели младите специјализанти во земјата, односно тимот предводен од д-р Софија Пејкова, се обучени да изведуваат ваков тип операции и да ги пренесат знаењата и техниките стекнати во странство.

- Ние ја поддржуваме д-р Пејкова, го поддржуваме Факултетот, затоа што знаеме дека има голем потенцијал за развој на оваа гранка овде во вашата земја. Секако, потребни ви се ресурси, објекти, кои ги имате, но треба да ги развивате,- вели д-р Сантамарија додавајќи дека здравствениот систем треба да даде поддршка за развој на реконструктивната микрохоирургија.

-Знаете, овде во Македонија, во Скопје, можете да имате многу убав центар за микрохируршко ниво, квалитет, образование. Бидејќи најважни не се објектите, туку - луѓето. А ентузијазмот и енерг

Д-р Јауме Масија, чија експертиза се лимфоедеми, во изјава за МИА истакна дека овој дел од Европа ќе има добар бенефит од вакви едукации, кои, како што вели, не постоеле досега на овие простори, изразувајќи надеж дека ваквите курсеви ќе продолжат тука во Скопје и во наредните години.

- Знаете, овде во Македонија, во Скопје, можете да имате многу убав центар за микрохируршко ниво, квалитет, образование. Бидејќи објектите не се најважни, туку - луѓето. А ентузијазмот и енергијата што можеме да ги почувствуваме овде од страна на целиот тим на д-р Пејкова е она што сигурно ја обезбедува најдобрата микрохирургија во светот - нагласи д-р Масија.

Италијанскиот доктор Марко Иноченти, чија специјалност е микроваскуларната хирургија, за МИА посочува дека образованието во микрохирургијата расте секојдневно и Скопје, со овој едукативен курс, е центар за микрохирургија во регионот на Балканот.

- Ова е една од убавите работи на микрохирургијата. И овој флап-курс сметам дека е пресвртница во образованието за микрохирургија на Балканот, секако благодарение на професорката Пејкова. Јас, како и моите колеги, сметам дека луѓето се моторот на секоја позитивна еволуција. И, секако, имате доволно објекти и опрема за да направите добра работа. Ентузијазмот на младите луѓе е навистина важен. Значи, системот треба да инвестира во ова - вели д-р Иноченти. 

Тој вели дека на крајот постои и економска предност од инвестирањето во оваа гранка на медицината.

- Ако ја земете предвид предноста на добрата реконструкција по работна повреда или нешто слично на тоа, пациентот се враќа порано на работа затоа што имал подобар третман. Значи, инвестирањето во ова поле има двојна предност - вели д-р Иноченти.

Фото: Изјава за МИА (од лево кон десно) - д-р Ерик Сантамарија, д-р Јауме Масија, д-р Софија Пејкова, д-р Марко Иноченти

Претседателката на Македонската асоцијација за реконструктивна микрохирургија (МАРМ) и професорка на Универзитетската клиника за пластична хирургија, д-р Софија Пејкова, истакна дека на оваа едукација, која е единствена од ваков вид, се одржале предавања, работилница за дизајнирање и подигнување резени, микрохируршко шиење под микроскоп на модели, работилница за мапирање крвни садови при дизајнирање резени и работилница со индоцојангрин за процена на лимфните садови, како и поголема снабденост со крв на резените.

- Огромна чест ми е бидејќи со нас се такви светски имиња како што се професор Иноченти, професор Масија. Професор Иноченти доаѓа од Болоња. Професор Масија е директор на Европската школа за реконструктивна микрохирургија и доаѓа од Барселона. Тука со нас се и професор Ерик Санта Марија и Џеј Пи Хонг. Меѓутоа, благодарение на нив, ова е наш трет микрохируршки, курс, односно курс на кој нашите нови генерации се учат колку е важна реконструктивната микрохирургија во целата хируршка пракса - вели д-р Пејкова за МИА.

Според неа, на овој начин им се дава можност на младите лекари да сфатат дека пластичната хирургија не е естетска хирургија, туку пластичната хирургија е хирургија кшто се занимава со многу комплексна дејност, каде што, вели, ние обезбедуваме форма, функција и дури на крајот таа е дел од естетиката - рече д-р Пејкова.

Таа рече дека на овој настан, од страна на овие врвни професори, му била оддадена почит на професорот Андреја Мишковски (1932 - 1998), кој се смета за основач на македонската пластична хирургија.

- Треба да се сеќаваме на минатото за да ја почитуваме иднината - заклучува д-р Пејкова во разговорот за МИА. нд/вг/

Фото: Фросина Насковиќ

 

Остани поврзан