• среда, 15 април 2026

Жители од четири делчевски села во заедничка акција го исчистија патот Очипала–Драмче–Вртиславци–Селник

Жители од четири делчевски села во заедничка акција го исчистија патот Очипала–Драмче–Вртиславци–Селник

Делчево, 23 март 2026 (МИА) – Месните заедници од селата Драмче, Селник, Очипала и Вртиславци спроведоа заедничка акција за расчистување на патниот правец што ги поврзува овие населени места.

Акцијата, како што информираат од Општина Делчево, била масовно поддржана од жителите, со оглед дека станува збор за локален пат кој повеќе од две децении бил запоставен, што предизвикувало сериозни проблеми во секојдневното функционирање.

Градоначалникот Гоцевски ја оцени иницијативата како пример за заедништво, грижа и одговорност кон животната средина.

– Ова е пример што треба да се пофали и да се следи. Се покажа значењето на месните заедници како активен двигател во решавањето на приоритетните потреби на граѓаните, изјави Гоцевски.

Тој информираше дека во рамки на новиот проект „Недела на селата“ веќе се започнати активности за пробивање на неколку селски патишта во село Полето, со цел подобрување на пристапот до домовите и земјоделските површини.

– Инвестициите во селата се инвестиции во иднината. Силното село значи силна општина и силна држава. Продолжуваме со посветена работа за развој на секое населено место и подобрување на условите за живот, додаде Гоцевски.

Од Општината посочуваат дека ваквите акции ќе продолжат и во наредниот период, со цел унапредување на инфраструктурата во руралните средини. вс/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан