ЕУ и Исланд потпишаа договор за партнерство во безбедноста и одбраната
- Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, и министерката за надворешни работи на Исланд, Катрин Гунарсдотир, денеска во Брисел потпишаа договор за партнерство во безбедноста и одбраната, со што нивната соработка е подигната на ново, стратешко ниво.
Брисел, 18 март 2026 (МИА) - Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, и министерката за надворешни работи на Исланд, Катрин Гунарсдотир, денеска во Брисел потпишаа договор за партнерство во безбедноста и одбраната, со што нивната соработка е подигната на ново, стратешко ниво.
Како што соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), ова ново партнерство дополнително ја зајакнува блиската кооперација меѓу ЕУ и Исланд, придонесувајќи за нивната заедничка безбедност и просперитет. Изграден врз основа на заеднички вредности и интереси во надворешната политика, договорот обезбедува прилагодена рамка за подлабока размена на информации за прашања од регионалната безбедност. Соработката особено ќе биде насочена кон области како што се поддршката за Украина, арктичките прашања, поморската безбедност и сајбер-безбедноста.
Во соопштението се наведува дека во сегашниот нестабилен безбедносен контекст, овој важен чекор дава дополнителен поттик на веќе длабоките односи поддржани од Договорот за Европскиот економски простор.
Инаку, Исланд планира во август да одржи референдум за продолжување на преговорите за членство во Унијата. ссм/
фото: архива