ЕК: Само Украина може да одлучи дали и кога да се поправи нафтоводот „Дружба“
- Само Украина може да одлучи дали и кога да се поправи нафтоводот „Дружба“, рече денеска портпаролот на Европската комисија на прес-конференција одговарајќи на прашања поврзани со загриженоста на Унгарија и Словачка, кои преку транспорт од оваа инфраструктура добиваат руска нафта.
Брисел, 20 февруари 2026 (МИА) - Само Украина може да одлучи дали и кога да се поправи нафтоводот „Дружба“, рече денеска портпаролот на Европската комисија на прес-конференција одговарајќи на прашања поврзани со загриженоста на Унгарија и Словачка, кои преку транспорт од оваа инфраструктура добиваат руска нафта.
Портпаролот истакна дека не може да стане збор за вонредна состојба во снабдувањето и нема опасност од недостиг на нафта на краток рок.
- Ги уверуваме граѓаните на Унгарија и Словачка дека постојано работиме за да ja имаат неопходната енергетска безбедност рече портпаролот.
Посочи дека во среда идната недела ќе се одржи состанок на работната група на ЕУ за прашања поврзани со снабдувањето со енергија. Тој додаде дека досега украинската страна ги поправила штетите предизвикани на енергетската инфраструктура од руските воздушни напади, но набргу ќе следуваат нови штети предизвикани од руската страна.
- Колку сме понезависни од руската енергија, толку подобро ќе бидеме, Русија ги користеше енергетските резерви како оружје, дури и пред да почне војната во Украина. Според нашите сознанија, украинската влада се стреми да го обнови нафтоводот „Дружба“ - додаде портпаролот на ЕК, кој вчера појасни дека Комисијата не врши притисок врз Киев и не дава рок за оваа обнова. рп/мс/
Фото: МИА архива