Европски и арапски воени претставници на состанок во Париз посветен на потребите на либанската армија и иднината на УНИФИЛ
- Воени претставници од европски и арапски земји денеска ќе се состанат во Париз за да ги проценат потребите на либанските вооружени сили и да разговараат за претстојното завршување на мировната мисија на Обединетите нации.
Париз, 17 септември 2026 (МИА) - Воени претставници од европски и арапски земји денеска ќе се состанат во Париз за да ги проценат потребите на либанските вооружени сили и да разговараат за претстојното завршување на мировната мисија на Обединетите нации.
Израел и Либан одржаа неколку рунди преговори со посредство на САД со цел намалување на тензиите долж границата, но денешните разговори формално не се дел од тие активности на Вашингтон.
Разговорите во почетокот ќе ги предводат францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Либан Жозеф Аун и јорданскиот крал Абдула. САД ќе ги претставува високопоставен воен претставник задолжен за безбедносните прашања на Блискиот Исток.
Во рамки на преговорите водени со посредство на САД, Израел и Либан постигнаа рамковен договор што предвидува постепено повлекување на израелските сили, додека либанските власти го разоружуваат Хезболах и распоредуваат свои сили низ јужниот дел на земјата.
Според дипломатски извори, претставниците во Париз ќе настојуваат да ги проценат точните воени и финансиски потреби во пресрет на донаторска конференција што би требало да се одржи кон крајот на оваа или почетокот на наредната година.
Најитното прашање е како да се пополни безбедносниот вакуум што би можел да настане кога мировните сили на ОН (УНИФИЛ), кои бројат околу 7.500 припадници, ќе почнат да го намалуваат својот број од јануари. Иако Либан и Франција се залагаат за продолжување на мандатот на УНИФИЛ, ниту САД ниту Израел не покажале подготвеност да го поддржат продолжувањето на мисијата.
Претставниците во Париз ќе разговараат за можностите за нова меѓународна мисија, поддржана од Франција и Италија, што би дејствувала надвор од мандатот на ОН, како и за можна мисија под водство на Европската Унија. аб/зш
фото/МИА архива