• недела, 01 март 2026

Државите од ЕУ ќе бидат запознаени со предлозите на ЕК за дополнителни санкции против Русија

Државите од ЕУ ќе бидат запознаени со предлозите на ЕК за дополнителни санкции против Русија

Брисел, 9 февруари 2026 (МИА) - Државите-членки на Европската унија ќе бидат запознаени денеска со предлозите на Европската комисија за дополнителни санкции против Русија поради војната во Украина, истакна портпаролот на ЕК, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.

Тој истакна дека се можни измени во првичниот предлог и дека повторно ќе биде потребна едногласност за одлуката.

- Се надеваме дека многу брзо ќе имаме одлука, додаде портпаролот.

Според него, Комисијата презема мерки за пополнување на празнините што водат до заобиколување на санкциите.

- Го разгледуваме ова прашање многу сериозно. Спроведувањето на санкциите е обврска на земјите од ЕУ, објасни портпаролот.

Тој изрази надеж дека предлогот за забрана на трговијата со руска нафта ќе биде поддржан од сите земји од Г7 за да има поголем ефект, откако САД неодамна не се придружија на заедничките мерки на групата седум економски најразвиени демократии во овој поглед. 

Само минатата година, приходите од руска нафта и гас се намалија за 25 проценти, достигнувајќи го најниското ниво од почетокот на војната во Украина, рече портпаролот. Додаде дека инфлацијата во Русија е висока и дека тоа е директна последица од санкциите, иако може да има и други фактори.

ЕК на 6 февруари предложи проширување на санкциите против Русија во областите на енергетиката, финансиските услуги и трговијата. Предвидени се исто така посилни правни гаранции за компаниите од ЕУ за да бидат заштитени од експропријација во Русија поради судските пресуди за санкциите. Комисијата изрази очекување дека предлогот за дополнување на списокот со санкции ќе биде одобрен до четвртата годишнина од почетокот на војната во Украина на 24 февруари. рп/мс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан