• среда, 25 февруари 2026

ДПД Кочани доби ново противпожарно возило како донација од Германија

ДПД Кочани доби ново противпожарно возило како донација од Германија

Кочани, 5 февруари 2026 (МИА) - Доброволното противпожарно друштво Кочани од денеска е побогато за уште едно противпожарно возило, кое пристигна од Унтершлајсхајм, Германија. Станува збор за донација од Доброволното противпожарно друштво Унтершлајсхајм. 

Возилото е марка „Mercedes-Benz“ и претставува автоцистерна со капацитет од 5.000 литри вода и погон на сите шест тркала (6x6), што го прави особено соодветно за интервенции при пожари на отворен простор и шумски пожари. Ова е седмо противпожарно возило во возниот парк на ДПД Кочани.

Од друштвото информираат дека трошоците за транспорт, како и обврските за плаќање на данок и царински давачки, биле целосно покриени од страна на ДПД Кочани.

-Со ова возило, ДПД Кочани значително ги зголемува своите оперативни капацитети, како и ефикасноста и брзината на интервенција на терен. Традиционално, новото возило беше свечено пречекано од останатите возила од возниот парк со воден мост, истакна денеска претседателот на кочанските доброволни пожарникари, Златко Илијев. 

Тој упати благодарност и до братските противпожарни друштва – ДВД Борово од Хрватска, како и ДВД Стапар и ДВД Мраморак од Србија, истакнувајќи дека нивната поддршка и соработка имаат значаен придонес во оваа организација. ис/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан