• понеделник, 09 март 2026

Десетици повредени во Бахреин по ирански напад со дронови

Десетици повредени во Бахреин по ирански напад со дронови

Манама, 9 март 2026 (МИА) - Триесет и двајца цивили се повредени во ирански напад со дронови врз островот Ситра, јужно од главниот град на Бахреин, Манама, соопшти Министерството за здравство на земјата, пренесе ДПА.

Сите повредени се државјани на Бахреин, прецизира Министерството во изјава пренесена од државната новинска агенција.

Меѓу повредените има и деца, а четворица се во тешка состојба.

Министерството за внатрешни работи на Бахреин претходно објави на платформата Икс дека неколку згради на Ситра биле оштетени во нападот.

Вчера Министерството соопшти дека „иранската агресија неселективно напаѓа цивилни цели и предизвика материјална штета на постројка за десалинизација на вода по напад со дронови“.

Во изминатата недела Иран изврши напади на повеќе места на Блискиот Исток како одговор на воздушните напади на САД и Израел врз иранска територија.

Цел на иранските напади биле и американски воени бази, но и цивилни објекти како аеродроми и станбени згради.

Ирански напади се пријавени во околу десет арапски земји, при што државите од Персискиот Залив – вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Катар – пријавуваат особено голем број инциденти.

Според Ројтерс, густ чад се издига над главната нафтена рафинерија во Бахреин – Бапко, која е клучен објект во енергетскиот сектор на земјата. ссм/мс/

фото: архива

 

Остани поврзан