Дебата: Основна цел на предлог-законот за помилување е јасна и транспарентна постапка на помилувањето, една од најзначајние измени е укинувањето на аболицијата
- Помилувањето никогаш не треба да се води од казната што е одредена и од природата на делото, туку да го мери и да го оценува процесот на ресоцијализација на институцијата. Сите луѓе, па и кога ќе направат големи грешки во животот и ќе се најдат изолирани, имаат право на втора шанса.
Скопје, 20 февруари 2026 (МИА) - Помилувањето никогаш не треба да се води од казната што е одредена и од природата на делото, туку да го мери и да го оценува процесот на ресоцијализација на институцијата. Сите луѓе, па и кога ќе направат големи грешки во животот и ќе се најдат изолирани, имаат право на втора шанса. Впрочем, денес трендот во ресоцијализацијата оди рака под рака со осовременувањето и очовечувањето на условите во затворите - истакна денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во воведното излагање на научно-стручната расправа по предлог-законот за помилување на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
- Нашите затвори сè уште не го исполнуваат овој услов - рече претседателката, која потсети на укажувањата дека можеме да се најдеме на удар на Советот на Европа, дури и за елементи на тортура за постапувањето кон луѓето во затворите.
Добро е што се седна да се изработи нов закон бидејќи, како што рече, актуелниот „не личи на закон, особено ако мора да го читаме низ призма на она што го стори Уставниот суд менувајќи многу одредби“ и оти членовите на Комисијата не може да имаат истражни надлежности и да бараат информации од судовите или агенциите и оти во нејзиниот состав не траба да бидат судии, адвокати...
Претседателката отвори неколку прашања поврзани со законот пред експертите од оваа област. Законските решенија, според неа, треба да се креираат имајќи предвид разни профили на претседатели, а меѓу прашањата што ги отвори се сведувањето на минимум на дискрециското право на одлучување, одредба за Комисијата за политички систем, досегашната и идната улога на Министерството за правда...
- Бидејќи во ова постапување има секогаш простор за дискреционо однесување, прашањето е како да се сведе на минимум или дури како да се анулира дискрецијата оти во демократски систем не треба да има простор за вакво постапување. И јас затоа одговорно овде тврдам дека секогаш работата сум ѝ ја оставала на Комисијата. Како што ќе одлучи Комисијата, така се однесувам и јас - рече Сиљановска-Давкова додавајќи дека можеби тоа треба да се внесе во законот.
Во дебатата таа го отвори и прашањето за тоа дали можеби не треба да се направи и закон за претседател.
- Еден ден треба да собереме сила и да донесеме закон за претседател оти имаме закон за правата на претседателите што не се претседатели, а немаме закон за претседател - рече Сиљановска-Давкова.
Зборувајќи за делата доживотен затвор и дилемата дали некои од лицата осудени на ваква казна можеби крајот на животот треба да го дочекаат поинаку, со исклучок на случаи на тероризам и против човештвото, таа, меѓу другото, рече дека ние треба да ги следиме мислењата на Венециската комисија, која им препорачува на државите од поранешна Југославија „да го тргнат автентичното толкување, да го лоцираат онаму каде што му е местото - во Уставниот суд и да го тргнат од парламентот“.
- Ние сме држава со најмногу автентични толкувања. Образложението од Венециската комисија е дека не може еден сегашен состав да толкува што мислел друг во деведесеттите години и дека е лесно преку автентично толкување да дадете сосема поинаква интерпретација на некоја законска одредба. Дури има забелешка и за општите мислења на Врховниот суд, исто така врз поделбата на власта - рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката наведе искуства од регионот во врска со законот за помилување.
- Читајќи споредбени искуства, ќе кажам најпрвин од регионот, еве ги зедов словенечкиот, хрватскиот, црногорскиот, српскиот модел - гледам дека сепак има разни модели. Кај словенечкиот нема простор за речиси дискреционо постапување и тоа е еден модел што е многу рестриктивен и многу транспарентен. Кај хрватскиот има умерено однесување или, како го викаат тие, насочен дискреционен модел. И, се разбира, значи првиот би бил институционално контролиран модел, сè е предвидено. Хрватскиот би бил насочен, и кај црногорскиот и кај српскиот гледаме поголем простор за дискреција. Е, сега, мене ми се чини дека она што постои, а не е законска материја, бидејќи секогаш комисијата доставува не само преглед на кандидатите туку и поединечни ставови, ама исто така и образложение - оцени Сиљановска-Давкова.
Таа посочи дека во некои закони постојат ограничувања во поглед на делата што може да бидат предмет на помилување.
- Најчесто тероризмот, дела против човештвото, веќе сите знаеме дека никогаш не застаруваат и секој суд може да ги стави на дневен ред. Ама па тивко зборуваме за нешто друго. Има една позната книга на професорот Воин Димитријевиќ, која се вика „Хашке недоумице“. Тој таму отворено објаснува за тоа дека и во југословенските простори се случиле дела против човештвото и дека кога Хаг ги враќал случаите, тој не ги ставал ад акта, туку за да се процесираат. А многу од нив останале недовршени - рече претседателката.

Претседателката на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија (ЗКПКМ), Александра Груевска-Дракулевски, рече дека основна цел на предлог-законот за помилување е да овозможи една јасна и транспарентна постапка на помилувањето.
- Со овој закон се дефинираат видовите помилување, особено значајно е што утврдува јасни услови за поднесување молба, круг на овластени лица, рокови за повторно поднесување, детаљна содржина на извештаите што треба да ги подготват надлежните институции во постапката за помилување. Една од најзначајните измени во предлог-законот е укинувањето на аболицијата. Но, доколку предлог-законскиот текст остане вака, тоа значи дека усвојувањето на предлог-законот за помилување треба да оди паралелно со измени на Кривичниот законик и посебно на одредбата што се однесува на институтот на помилување - посочи таа.
Истакна дека помилувањето е акт со кој се задира во судската одлука и оттука и залагањето за напорестриктивна примена на овој институт.
- Помилувањето и амнестијата како акти на милост се познати уште од најстари времиња и актот на помилување секогаш мора да се потпира на рационално објаснување бидејќи на актот на помилување не треба да гледаме како на еден инструмент на политичка моќ и самоволие, туку како на инструмент на правдата. Сите недоследности во примената од досегашниот Закон за помилувањето, донесен 1993 година, изменет 2009, 2016 и измените и дополнувањата во 2009, укинати со одлука на Уставниот суд, се очекува да се сведат на минимум со усвојувањето на новиот предлог-закон за помилување - рече Груевска-Дракулевски.
Според неа, има ситуации кога помилувањето е коректив на правдата и кога не се коси со принципите на независниот судски систем.
На новинарско прашање како би се спречиле евентуални злоупотреби, таа рече дека новиот предлог-закон предвидува такви одредби со кои на минимум се сведуваат можностите за злоупотреби.
- Правото за помилување бара висока стручност, професионалност, одговорност при одлучувањето и висок степен на етичност. Како член и на Комисијата за помилување, можам да кажам од моето досегашно искуство дека сите предмети од лица што поднеле барање за помилување се разгледуваат со посебна внимателност и етичност при одлучувањето и бара да имаме комплетна документација пред да можеме да дадеме предлог до претседателот дали тие лица да се помилуваат или не - рече таа. нд/са/
Фото: МИА