Дебата на Универзитетот „Мајка Тереза“: Академскиот персонал бара да се одложи носењето на новиот закон за високото образование за да се адресираат сите коментари
- На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје во присуство на министерката за образование и наука, Весна Јаневска попладнево се одржа првата јавна дебата од шесте планирани за предлогот за новиот закон за високото образование. Професорите од Универзитетот побараа да се одложи донесувањето на предлогот за новиот закон за, како што нагласија, да можат да се адресираат сите коментари околу законот и да се постави систем кој подолги години ќе важи.
Скопје, 18 февруари 2026 (МИА) - На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје во присуство на министерката за образование и наука Весна Јаневска попладнево се одржа првата јавна дебата од шесте планирани за предлогот за новиот закон за високото образование. Професорите од Универзитетот побараа да се одложи донесувањето на новиот закон за, како што нагласија, да можат да се адресираат сите коментари околу законот и да се постави систем кој подолги години ќе важи.
Навлегување во автономијата на универзитетите, ригорнозните критериуми за добивање на звањата, изградбата на кампусот на Универзитетот... се дел од забелешките кои вечерва ги искажаа професорите на универзитетот на јавната дебата за предлогот за нов закон за високото образование. Професорите нагласија дека академската заедница не била подготвена за сосема нов закон, со повисоки критериуми и дека најавените промени создаваат неизвесност.

-Првата работа што сакаме да ја кажеме е дека дефинитивно сме благодарни како универзитет на државата посебно од аспект на последните заложби за изградба на кампусот што е горливо прашање за нас. Знаеме дека таа работа тргна и полека се придвижува. Втората работа е што минатата година полека тргнаа и земаа замав добивањето дозволи за вработувања кои нас многу ни фалат бидејќи треба да имате предвид дека ние немаме иста стартна основа со другите државни универзитети, бидејќи кубуриме со недостоток на административен и професорски кадар кој полека го надинуваме, но ни треба уште малку време и помош за да можеме да дојдеме на ниво каде што ќе ги надминеме тие основни детски болести на формирање универзитет. И тогаш ќе можеме да зборуваме повеќе и за одговорнст и за квалитет. Во однос на генералните забелешки – интеруниверзитетската конференција во март даде еден закон како некој тип на предлог од телото во кое сите универзитети се застапени и генералната наша импресија е дека тој предлог беше еволутивен напредок. Малку сме загрижени дека со сегашните предлог решенија од тој еволутивен одиме во малку преголем напредок, и прашање е дали можеме да го следиме. Не дека бегаме и се плашиме, но дали реално имаме капацитет да ги следиме тие стандарди, рече професорот Александар Петковски кој прочита дел од забелешките од универзитетската комисија кои ќе бидат доставени до МОН.
Како втора забелешка го истакна навлегувањето во автономијата на универзитетот.
-Втората генерална загриженост е тоа што гледаме дека во законот провејува некоја нота на членови, елементи каде во тие членови министерот потпишува, Владата контролира, како малку да се навлегува во онаа точка на автономија на универзитетот. Имаме некои забелешки во однос на автономијата на универзитетите и уставниот член 46. Со сите оние членови каде што да речеме се вели „министерот укинува, владата“. Наше барање е да се остави уште малку време, да го доработиме и да ги адресираме овие прашања во законот кои ги имаме како забелешки за да може да имаме документ и да поставиме систем кој подолги години ќе важи, рече Петковски.
Министерката Јаневска истакна дека и од другите универзитети добила забелешки дека државата се меша во автономијата на универзитетот. Потенцира дека тоа не е точно, посочувајќи дека државата вложува и оттука универзитетите треба да имаат отчетност кон државата.
-Генерално и од другите универзитети забелешка гледаме дека државата се меша во автономијата на универзитетите. Автономијата на универзитетите подразбира неповредливост на универзитетскиот простор, што значи дека на пример освен ако не е ургентно полиција не може да ви влезе во просторот без дозвола на ректор. Освен ако не се случило убиство, кражба итн. Автономија на универзитетот значи дека вие имате право да ги формулирате вашите студиски програми, факултети да организирате. Меѓутоа, не е така едноставно. Затоа што вие сте јавно добро на државата – универзитети, кои треба да го создадат подмладокот во иднина кои ќе живеат и работат во државата. Државата вложува и од тука универзитетите треба да имаат отчетност кон државата која вложува, рече Јаневска.

Министерката нагласи дека она што во моментов е тема на дискусија од академската јавност се критериумите за избор, таканаречениот хиршов или Х индекс. И потенцира дека има политика кога некои лица зборуваат дека законот не е добар.
-Факт е дека во изработката на законот има неколку технички грешки или неколку членови кои треба да се дообјаснат и ние тоа ќе го направиме. Еден пример е дека сме предвиделе мандатот на доцент, редовен и вонреден професор да траат пет години, а во законот се вели дека реизбор на редовниот ќе биде по седум години. Она што во моментов е тема на дискусија се критериумите за избор, таканаречениот хиршов или Х индекс. И има нешто што мислам дека е политика, односно тврдам дека е политика кога слушаме општи одредби како законот не е добар, државата влегува во ингеренции на законот, ќе се иселат младите затоа што не можат да ги постигнат резултатите, што апсолутно не е точно. Напротив, младите ни одат во странство и постигнуваат огромни резултати, само затоа што ние не им пружиме слично соодветно образование кое ќе им користи во иднина или во академската кариера или во пазарот на труд, рече Јаневска, која вчера имала средба со претставниците на приватните универзитети, со кои, како што кажа, имала плодна и конструктивна дебата.
Јаневска нагласи дека Министерството ги покрива трошоците за публикации во списанија со импакт фактор. Коментирајќи ги критиките од опозицијата дека во овој закон не се предвидуваат вонредни студенти, таа информира дека само на одредени факултети нема да има вонредно студирање.
-Не е точно. Вонредни студенти ќе има како што има секаде во светот. Но, од јавен интерес, за општо добро и на државата и првенствено на младите на одредени факултети да нема вонредни студенти. Еве јас ќе прашам – сака ли некој да го лекува доктор кој вонредно студирал медицина? Никој не би сакал такво нешто. Секој би сакал посветен доктор кои посветено учат. Дали сака некој детето да му го учи наставник кој не е доволно описменете да си ја врши својата работа? Никој не би сакал. На таквите факултети ние велиме дека не треба да има вонредно студирање, рече Јаневска.
Предлогот на новиот закон за високото образование е поставен и на Националниот регистар на прописи (ЕНЕР) за предлози и сугестии, а МОН отвори и посебни е-адреси на кои заинтересираните може да праќаат коментари во врска со овој закон и за предлог-законот за квалитет во високото образование, кој е исто така на ЕНЕР.
Во наредните денови се очекува дебатата за законот за високо образование да продолжи и на преостанатите пет државни универзитети во земјава. фф/са/
Фото: МИА