Германија ја повика ЕУ да направи повеќе за да го поттикне економското закрепнување на Сирија
- Германија ја повика Европската Унија да ги прошири економските односи со Сирија за да ѝ помогне на земјата побргу да закрепне и да се стабилизира по повеќе од една деценија граѓанска војна, се наведува во документот упатен до Европската комисија.
Брисел, 18 март 2026 (МИА) - Германија ја повика Европската Унија да ги прошири економските односи со Сирија за да ѝ помогне на земјата побргу да закрепне и да се стабилизира по повеќе од една деценија граѓанска војна - се наведува во документот упатен до Европската комисија.
Во текстот во кој ДПА имала увид, Берлин предлага почеток на разговори со Европската инвестициска банка, која е во сопственост на 27-те земји членки на блокот, за потенцијално враќање во Сирија.
Документот исто така предлага преиспитување на потенцијалните мерки за олеснување на трговијата за сирискиот земјоделски и текстилен сектор.
На долгорочен план треба да се размисли за посеопфатен договор за партнерство помеѓу ЕУ и Сирија, се вели во текстот.
Милиони Сиријци ја напуштија земјата за време на владеењето на долгогодишниот диктатор Башар ал-Асад, кој беше соборен во декември 2024 година од бунтовнички сојуз предводен од исламистите по години крвава граѓанска војна.
И покрај промената на режимот, многумина од оние што дојдоа во ЕУ како бегалци досега се двоумеа да се вратат бидејќи економските изгледи на Сирија остануваат мрачни и покрај укинувањето на санкциите од ЕУ.
Малцинствата се исто така загрижени дали ќе имаат место во земјата под привремениот претседател Ахмед ал-Шара, поранешен борец на Ал каеда.
Како некогашен водач на востаниците, Ал Шара во меѓувреме се откажа и од Ал каеда и од Исламската држава. Сепак, остануваат сомнежите дали тој целосно ја напуштил екстремистичката идеологија.
ЕУ во ноември ги укина санкциите воведени на Ал Шара, кој претходно беше вклучен на списокот на терористи.
Во германскиот документ се забележува дека недостигот на економски перспективи може да го загрози процесот на политичка транзиција и следствено севкупната стабилност на земјата. јт/
Фото: ДПА