Германија го номинира генералниот инспектор на Бундесверот за претседател на Воениот комитет на НАТО
- Највисокиот германски офицер е кандидат за функцијата претседател на Воениот комитет на НАТО, изјави министерот за одбрана Борис Писториус во Брисел, цитиран од ДПА.
Берлин, 12 февруари 2026 (МИА) - Највисокиот германски офицер е кандидат за функцијата претседател на Воениот комитет на НАТО, изјави министерот за одбрана Борис Писториус во Брисел, цитиран од ДПА.
Писториус ја објави номинацијата на Карстен Бројер пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО, на кој ќе се разговара за европската одбрана и за поддршката за Украина.
Бројер е генерален инспектор (началник) на Бундесверот, германските вооружени сили, од март 2023 година.
Претседателот на Воениот комитет на НАТО е другиот најважен офицер во алијансата заедно со врховниот командант на сојузничките сили за Европа.
Како главен воен советник на генералниот секретар, претседателот на Комитетот дејствува како врска помеѓу НАТО и министрите за одбрана на сите земји членки.
Наследникот на сегашниот претседател, Џузепе Каво Драгоне, италијански адмирал, ќе биде избран на состанок во Копенхаген во септември. Новиот претседател ќе ја преземе функцијата во летото 2027 година.
Опишан од Писториус како „високо ценет“, 61-годишниот Бројер го водеше кризниот штаб на канцеларијата за борба против ширењето на коронавирусот за време на пандемијата.
Министерот рече дека Бројер „дал значаен придонес во зајакнувањето на одбранбените капацитети на Германија во последните години обезбедувајќи раст на вооружените сили“.
Номинацијата има поддршка од канцеларот Фридрих Мерц и министерот за надворешни работи Јохан Вадефул, додаде Писториус.
Претставниците на европските земји ќе заземаат повисоко рангирани позиции во НАТО во наредните години, според соопштението објавено од алијансата. Овој потег е дел од движењето кон пофер распределба на товарите и одговорностите, соопшти НАТО. Ова доаѓа во време кога Соединетите Американски Држави, под водство на претседателот Доналд Трамп, го преориентираат фокусот на својата надворешна политика подалеку од Европа, додава ДПА. мс/рп/
фото: ЕПА архива