• четврток, 25 декември 2025

Во Тетово преку изложбата „Нумен“ претставени 20 ликовни дела од Лидија Цвитановиќ Илиевска

Во Тетово преку изложбата „Нумен“ претставени 20 ликовни дела од Лидија Цвитановиќ Илиевска

Тетово, 23 декември 2025 (МИА) - Во Тетово вечерва беше отворена изложбата „Нумен“ со поднаслов „Меѓу формата и духот“, од авторката Лидија Цвитановиќ Илиевска. Во концертната сала на Музејот на тетовски крај (Дом на АРМ) изложени се 20 дела создадени во различни периоди, во кои доминира реализамот и техниката масло на платно.

-На прв поглед, пред нас се пејзажи, природни мотиви и црковни сцени. Но, зад видливата форма, се чувствува нешто повеќе. Токму тука се оправдува насловот „Нумен“, антички поим што означува божествена волја, дух или сила што го проникнува просторот и стварноста. Делата на Лидија Цвитановиќ Илиевска не тежнеат кон спектакуларност. Тие се смирени, промислени и искрени. Боите се длабоки, композициите избалансирани, а светлината често има симболичка, речиси духовна улога. Особено во црковните мотиви, формата не е цел сама по себе, туку средство преку кое се навестува нешто невидливо - вера, тишина, созерцание, истакна Марко Видачек од Македонско-хрватски друштво кое е организатор на изложбата.

Лидија Цвитановиќ Илиевска, која е родена 1959 година во Тетово, има завршено Факултет за музичка уметност во Во Скопје, отсек соло пеење во класа на проф. Коста Трпков.

-Образование и долгогодишна работа на нашата авторка како професор по музичко образование се чувствуваат во сликарството: во ритамот на потезот, во хармонијата на боите и во внимателно градената атмосфера. Како музичка композиција, и овие слики имаат вовед, развој и тивка кулминација што не се наметнува, туку се доживува. „Нумен“ е изложба што повикува на внимателно гледање и внатрешен дијалог. Таа нè потсетува дека уметноста не мора секогаш да биде гласна за да биде силна, ниту сложена за да биде длабока. Доволно е да биде искрена и создадена со почит кон формата, но и кон духот, истакна Видачек.

До пензионирањето Лидија Цвитановиќ Илиевска  има работено како професор по музичко образование во средното музичко училиште „Тодор Скаловски Тетоец“, средното медицинско училиште „Никола Штејн“ и во основното училиште Симче Настовски во Вратница.
Прва самостојна изложба има поставено во 2008 токму во основното училиште Симче Настовски. Има учествувано на повеќе ликовни колонии, а во 2014 година има поставено изложба во Тетово, заедно со кинеската сликарка Луси Трајковска.

Лидија Цвитановиќ Илиевска е долгогодишен член на Македонско - хрватското друштво, каде има водено и посебна секција за цртање, при што има едуцирано млади кадри за ликовната уметност. Голем дел од нејзините дела се подарени и разубавуваат многу наши и странски објекти. ас/лв/

фото МИА 

Остани поврзан