Во сообраќајна несреќа на магистралниот пат А2 загина 25-годишник од кривопаланечкото село Нерав
- Синоќа, на магистралниот пат А2, Куманово - Крива Паланка, кај Старо Нагоричане, се случила тешка сообраќајна незгода, во која загинало едно лице од кривопаланечкото село Нерав на возраст од 25 години, возач на едно од возилата учесници во незгодата.
Крива Паланка, 16 февруари 2026 (МИА) - Синоќа, на магистралниот пат А2, Куманово - Крива Паланка, кај Старо Нагоричане, се случила тешка сообраќајна незгода, во која загинало едно лице од кривопаланечкото село Нерав на возраст од 25 години, возач на едно од возилата учесници во незгодата.
Информацијата ја потврди Секторот за внатрешни работи Куманово, од каде што информираат дека, синоќа, околу 19.05 часот, во СВР Куманово било пријавено дека на магистралниот пат Куманово - Крива Паланка, на местото наречено Смилчинци, општина Старо Нагоричане, се случила сообраќајна незгода.
- До несреќата дошло кога патничко возило „фолксваген голф“, со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од 25-годишниот С. Т. од село Нерав, Кривопаланечко, удрило во куче скитник по што преминало во спротивната сообраќајна лента. Тогаш дошло до директен судир со патничкото возило „бмв“, со кривопаланечки ознаки, управувано од 27-годишниот Ф. Ј. од село Длабочица, Кривопаланечко. Во несреќата тешки телесни повреди добиле двајцата возачи и сопатничките од патничкото возило „бмв“, А. С.(20) и С. Ј.(53), двете од Крива Паланка, констатирани во Општа болница во Куманово - информира портпаролот на СВР Куманово, Ивана Младеновска.
Младеновска потврди дека 25-годишниот возач од село Нерав, со иницијали С. Т., им подлегнал на повредите во Општата болница во Куманово, каде што лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција. Извршен е увид од екипа на СВР Куманово. ид/сст/
Фото МИА архива