• петок, 18 септември 2026

Во Крива Паланка три дена фолкор, традиција и автентични вкусови

Во Крива Паланка три дена фолкор, традиција и автентични вкусови

Крива Паланка, 25 август 2026 (МИА) - Крива Паланка од денес со 27 август 2026 година ќе живее во ритамот на песната, орото, традицијата и автентичните вкусови, со 21 Меѓународен фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ и „Шопско село“, фестивал на занаети, ракотворби и храна.

Една од најпрепознатливите културни манифестации во градот, Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, и годинава ќе обедини бројни фолклорни ансамбли од 10 земји: Македонија, Полска, Холандија, Црна Гора, Турција, Словачка, Хрватска, Србија, Бугарија и Украина.

-Во текот на трите фестивалски вечери, на градскиот плоштад ќе биде претставено богатството на народните носии, автентичните ора, песни, ритми и обичаи од различни краишта на Европа. Фестивалот повеќе од две децении ја негува традицијата и претставува место на средба, културна размена и создавање пријателства без граници, изјави Сања Станковска, од Општина Крива Паланка.

Оваа година организатор на фестивалот е КУЗ "Карпош", а покровител е Општина Крива Паланка, во соработка со НУ Центар за култура и Министерство за култура.

-На трите фестивалски вечери ќе настапат вкупно 19 ансамбли од 10 држави, а третата вечер ќе биде резервирана исклучиво за македонски ансамбли. Сите три дена ќе се одржува и свечено дефиле, со почеток во 18 часот и 30 минути. Првата вечер ансамблите ќе тргнат од Осичка маала, ми.в. "Три срца", втората вечер од Житен склад, додека последната вечер ќе заиграме оро од Куков дол - информираат од КУЗ "Карпош".

Сите три фестивалски вечери ќе се одржат на градскиот плоштад, со почеток во 19 часот и 30 минути.

Карактеристично за фестивалот е тоа што учествувааат ансамбли од збратимените градови на Општина Крива интерактивна: Дупница, Бугарија , Свидник, Словачка и Перечин, Украина.

Паралелно со фестивалската програма, на кејот на Крива Река ќе се одржи „Шопско село“, манифестација на која посетителите ќе имаат можност да го доживеат богатството на народното творештво преку традиционални занаети, ракотворби, домашни производи и автентични вкусови на домашната гастрономија. Посебен белег на манифестацијата ќе даде традиционалната подготовка на гулаш, во духот на заедништвото, гостопримството и добрата атмосфера.

-Крива Паланка во овие три дена ќе биде место на средба на традициите, културите и луѓето. Горди сме што фестивалот повеќе од две децении гради пријателства без граници, а со "Шопско село" го претставуваме и она најавтентичното од нашето поднебје, занаетите, ракотворбите, вкусовите и гостопримството. Ги поканувам сите наши сограѓани и гости да ни се придружат и заедно да ја почувствуваме убавината на традицијата што нè поврзува - истакна градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Додаде дека Крива Паланка во овие три дена ќе биде исполнета со фолклор, традиција, култура и автентични вкусови, а градот ги отвора вратите за своите сограѓани и за гостите од земјата и странство, продолжувајќи ја приказната што ги поврзува луѓето, културите и генерациите. иб/бк/

Можно е и ова да ти се допаѓа