• понеделник, 12 јануари 2026

Во конкуренција за наградата „Оливера Николова“ за 2026 година пристигнати 46 ракописи

Во конкуренција за наградата „Оливера Николова“ за 2026 година пристигнати 46 ракописи

Скопје, 12 јануари 2026 (МИА) - На вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади, кој беше отворен од 11 септември 2025 до 11 јануари 2026 година, пристигнаа 46 ракописи.

Како што информираат од издавачката куќа Арс Ламина, пристигнатите необјавени романи, ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Ермис Лафазановски (прв добитник на наградата во 2025 година) и Јованка Денова (професорка по книжевност за деца).

Одлуката за добитникот на наградата за 2026 година ќе биде објавена на 11 март, на денот на раѓањето на Оливера Николова.
Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“. Таа ќе биде врачена на посебен свечен настан.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка на семејството на Николова, на 11 март минатата година. Николова почина на 3 ноември 2024 година.

Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитет на големото авторско име на Оливера Николова со симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност, како и да се ревитализира еден од жанровите во кои Николова создаваше – романот за деца и млади.

На првиот конкурс победи романот „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски, избран од вкупно 38 пристигнати ракописи. Во најтесниот избор за наградата беше и ракописот „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов), наведуваат од издавачката куќа. вг/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан