ВМРО-ДПМНЕ: Се откри театарот на Трендафилов нарачан од СДС и Левицата, пишува објави и празни фотографии додека УПОЗ договори средба со Владата за покачување на платите до 40 отсто
- Излегоа на површина несериозноста, неодговорноста и поигрувањето на Слободан Трендафилов со чувствата и иднината на работниците. Откога се постигна договор и се закажа средба меѓу Владата и гранскиот синдикат УПОЗ за зголемување на платите на административните службеници и до 40 отсто, претседателот на ССМ се јави на социјалните мрежи, пишува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение, што МИА го пренесува интегрално.
4 февруари 2026
Излегоа на површина несериозноста, неодговорноста и поигрувањето на Слободан Трендафилов со чувствата и иднината на работниците. Откога се постигна договор и се закажа средба меѓу Владата и гранскиот синдикат УПОЗ за зголемување на платите на административните службеници и до 40 %, претседателот на ССМ се јави на социјалните мрежи, пишува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение, што МИА го пренесува интегрално.
Во стил на инфлуенсер Трендафилов напиша објава со фотографија како седи сам во празните простории на Синдикатот, при што пишува дека чекал да дојде претставник на Владата за да се потпише договор за зголемување на платите.
Ова е само уште една потврда на тезите дека барањата на Слободан Трендафилов не се барања од и за работниците, туку се барања со политичка заднина и дека зад оваа раководство на ССМ стојат СДС и Левицата.
Ваквото однесување на Трендафилов не е ништо друго, освен обичен театар за широката маса, во која тој изигрува жртва, а виновна е Владата. Нему никогаш не му било до зголемување на платите на работниците, туку целта единствено му било да ѝ се наштети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што е иста политичка агенда со таа на СДС и Левицата.
Оттука, се јавува потреба да се постави прашањето дали СДС и Левицата му ги пишуваат барањата на ССМ и Трендафилов?
Изминатиот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ потпиша нови колективни договори и ги зголеми платите во образованието, здравството, полицијата, одбраната, социјалата и другите сектори, но за тоа Трендафилов ништо не кажа.
Исто како што збор не изусти ни за ценовните шокови за време на власта на СДС и ДУИ, кога инфлацијата рушеше двоцифрени рекорди, кога сметките за струја се зголемија за над 50 % и молчеше кога во неколку државни институции со месеци немаше плати.
Исто така, потсетуваме дека во изминатите години власт на СДС се потпишаа колективни договори во разни државни институции и сектори, без одобрение од Министерството за финансии. Тоа значи СДС и ССМ си потпишале договори без претходно одобрени средства, што е спротивно на условите за потпишување колективен договор и уште едно изигрување на работниците за политички цели.
Со овие политички игри и лицемерство Трендафилов и ССМ покажуваат дека не се борат за работниците, туку соработуваат и работат во корист на СДС и Левицата против власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
За разлика од нив, Владата е посветена на изнаоѓање одржливи економски решенија во разговор со сите засегнати страни, за подобрување на економската состојба и подобрување на стандардот на граѓаните.