Високиот комесар на ОН за човекови права изрази загриженост по извештајот за над 50 убиени цивили во Судан
- Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, денеска изрази загриженост по извештаите дека над 50 цивили биле убиени во напади со дронови во Судан во рок од два дена.
Женева, 18 февруари 2026 (МИА) – Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, денеска изрази загриженост по извештаите дека над 50 цивили биле убиени во напади со дронови во Судан во рок од два дена.
Одделни напади со беспилотни летала во неделата и понеделникот предизвикаа смрт на најмалку 57 цивили, вклучувајќи 15 деца, во четири држави во Судан, според податоците на светската организација.
Тирк изјави дека смртоносните напади се потсетник за катастрофалните последици од војната со дронови во Судан, во која цел се цивилите и цивилната инфраструктура.
Најмалку 28 цивили биле убиени во неделата при напад на суданската редовна армија врз пазарот Ас Сафија во државата Северен Кордофан, соопшти ОН. Следниот ден, 26 цивили биле жртви на сличен напад, извршен повторно од војската врз бегалскиот камп во Ас Сунут, државата Западен Кордофан.
Исто така во понеделникот, Силите за брза поддршка (РСФ), кои војуваат против суданската редовна армија, извршиле напади со беспилотни летала врз две основни училишта во градот Дилинг, државата Јужен Кордофан, соопшти уште ОН.
Регионот на Голем Кордофан, кој се состои од три држави, стана најновата фронтовска линија во конфликтот во Судан што трае веќе речиси три години, а кој предизвика тешка хуманитарна криза, принудувајќи милиони луѓе да ги напуштат своите домови.
- Продолжувањето на нападите од сите страни (во конфликтот) врз цивилни објекти мора да запре. Страните мора да преземат итни мерки за заштита на цивилите, вклучително и преку воздржување од користење на цивилни објекти за воени цели – изјави Тирк. јт/
Фото: ОН