Велешкиот Црвен крст ги додели традиционалните признанија за јубилејни крводарувања за 2025
- - По повод 17 Март- Денот на Црвениот крст и Ден на крводарителството, Општинската организација на Црвен крст Велес на свеченост ги врачи признанијата на најхуманите од хуманите, за 100 пати дарувана крв на Звонко Петрушевски и за 75 пати дарувана крв на Ангелче Петровски и Трајче Димовски.Од Основното општинско училиште „Лирија“ во село Горно Јаболчиште каде лани во оваа населено место за првпат успешно се изведе крводарителска акција добија признание за развојот на крводарителството,а исто такво признание за 2025 доби и Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ кој изведе мошне успешно ации за крводарување.
Велес, 18 март 2026 (МИА) - По повод 17 Март – Денот на Црвениот крст и Денот на крводарителството, Црвен крст Велес на свеченост им врачи признанија на најхуманите крводарители во Велес.
Највисокото признание за 100 пати дарувана крв му беше доделено на Звонко Петрушевски, додека за 75 дарувања беа наградени Ангелче Петровски и Трајче Димовски. Признанија за развој на крводарителството добија и ООУ „Лирија“ Горно Јаболчиште, како и Извиднички одред „Димитар Влахов“ за нивниот придонес во организирање успешни акции.
За 50 пати дарувана крв беа одликувани повеќе хумани граѓани, меѓу кои Благица Давчевска, Славиша Јовиќ, Ивица Пренџов, Тони Трајчев, Сашо Петров, Трајче Шојлев, Миле Петровски, Љупче Станковски, Зоранчо Аскалиевски, Љупче Стојанов.
Претседателката на организацијата, д-р Кевица Клифова, истакна дека велешкиот Црвен крст со години е меѓу најуспешните во државата. Таа информираше дека годишниот план од 1.860 крвни единици бил значително надминат, со вкупно собрани 3.802 единици крв, преку активности реализирани во соработка со Институт за трансфузиона медицина Скопје.
Таа им искажа благодарност на сите крводарители од Општина Велес, Градско и Чашка, како и на нивните млади волонтери вклучени во сите акции за крводарување.
- За нас во Општинската организација на Црвен крст Велес, крводарувањето е еден од врвните приоритети.Тоа е темел на здравствениот систем.Крвта е незаменлив лек секојдневно потребна за да се продолжат многу животи.Затоа придонесоt на крводарителите е огромен и немерлив, потенцира д-р Клифова.
Во рамки на настанот за првпат се одржа и панел-дискусија посветена на крводарителството, на која се говореше за значењето на дарувањето крв, условите за дарители и здравствените придобивки. Во дискусијата учествуваа експерти и долгогодишни крводарители.
Звонко Петрушевски, кој го доби признанието за 100 дарувања, изјави дека веќе има 103 дарувања и дека ќе продолжи со оваа хумана мисија. Тој дарува крв од 1984 година и, како што вели, секогаш одговарал и на итни повици, нагласувајќи дека крводарителството е чин што спасува животи.
-Во тоа време во „Колска“ имаше 550 вработени, а секој втор-трет беше крводарител и така и јас добив пример од нив и се вклучив во Друштвото на крводарители и се до ден денес дарувам крв. Паузирав само две - три години поради здравствени причини, но кога ми се подобри здравјето повторни се вклучив и продолжив со дарување на крв, рече Петрушевски.
Тој им порачи на сите луѓе кои се здрави, да бидат хумани и да даруваат крв, бидејќи секое крводарување спасува човечки живот. ад/дма/
Фото: МИА