• понеделник, 12 јануари 2026

Вевчани подготвено за ново карневалско доживување

Вевчани подготвено за ново карневалско доживување

Вевчани, 12 јануари 2026 (МИА) - Сè е подготвено за годинешното издание на Вевчанскиот карневал, што утре и в среда ќе се одржува на улиците во Вевчани, потврди за МИА градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски. 

Забавниот дел од манифестацијата почнува вечерва со настапи на Влатко Лозаноски, рап-дуото „Пука козметика“ и „Брас брадрс“. Традиционално, забавата ќе продолжи утревечер со фолк-музика за која годинава се задолжени Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски и оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“, а треба да заврши со настап на Перо Бели и групата „Вип“.

Временските услови, како што рече градоначалникот, не треба да се пречка за оние што сакаат да го посетат Вевчани и да уживаат во карневалската магија.

- Снег има, улиците се чисти и проодни. Тековно ги одржуваме со сол и песок, нема најава за нови врнежи. Добредојдени се сите што сакаат да уживаат во вековната традиција - изјави Кочовски.

Тој вети ново и неповторливо карневалско издание со своите традиционални карактеристики, хумор, забава и дружење. Сместувачките капацитети, иако во мал број, според него, се исполнети до последното место.

Василичарскиот дел почнува утре попладне со дефиле под маски на вевчанските улици. Преку маските вевчанци на сатиричен начин ќе ја прикажат изминатата година. Василичарите велат дека секоја маска е одраз на настаните, појавите и проблемите што ја одбележале изминатата година.

- Маските се централниот елемент на Вевчанскиот карневал и најпрепознатливиот дел од традицијата. Тие не се изработуваат случајно ниту, пак, се користат само за визуелен ефект. Секоја маска носи порака, став или критика кон општеството, политиката или секојдневниот живот. Секогаш се инспирирани од настани и појави што ја одбележале изминатата година, што му дава на карневалот улога на жив хроничар на времето - посочуваат вевчанските василичари. 

Според традицијата, Вевчанскиот карневал, стар речиси 15 века, почнува на 13 јануари напладне со дефиле на маски на двете василичарски друштва „Горна“ и „Долна маала“. Неизоставен дел од традицијата се зетот, невестата, двата ѓавола, Глупавиот Август и други маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања. Секое карневалско издание за вевчанци е доживување. Тие ќе кажат сè, но до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат. Изработката на маските, според нив, е сложен и креативен процес, кој вклучува рачна работа и оригинални идеи, што ја прави секоја маска уникатна.

Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани на 14 јануари. сс/паг/

Фото МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан