Бугарскиот Народен правобранител годинава примил повеќе од 10.000 жалби
- Народниот правобранител на Бугарија од почетокот на годината примил повеќе од 10.000 жалби, главно за станбена инфраструктура и кршење на имотните права, но и за загрозување на правата на децата, објави Канцеларијата на омбудсманот
Софија, 30 декември 2025 (МИА) – Народниот правобранител на Бугарија од почетокот на годината примил повеќе од 10.000 жалби, главно за станбена инфраструктура и кршење на имотните права, но и за загрозување на правата на децата, објави Канцеларијата на омбудсманот.
Како што јави Бугарската новинска агенција (БТА) од 1 јануари 2025 година имало речиси 1.300 жалби против компании оператори за греење на станови и управуваат со водоснабдување и канализација.
Во соопштението се наведува и дека активноста на Народниот правобранител довела до конкретни законски иницијативи, како што е, на пример, укинувањето на одредбата дека само еден оператор може да биде задолжен за водоснабдување и санација на одредена територија.
Исто така, имало многу жалби за кршење на имотните права и економските слободи, поврзани со ограничувања за градење или планирање, експропријација или реституција.
Канцеларијата на омбудсманот наведува дека примила 500 жалби и извештаи поради кршење на правото на пристап до судските органи.
Повеќе од 460 жалби до средината на декември се однесувале на децата, а најмногу на кршење на правата на децата со посебни тешкотии во учењето, на заштита од насилство од врсници и заштита на правата на децата со посебни потреби.
Во соопштението се наведува дека до средината на декември 2025 година, речиси 70.000 граѓани добиле помош од Народниот правобранител преку консултации, инспекции, препораки и активна интервенција на Канцеларијата кај државните и локалните власти.
Вкупниот број на приговори и жалби на граѓаните е приближно ист како и минатата година, посочи Канцеларијата. ми/ссм/
фото: МИА архива