• четврток, 16 април 2026

Балендра Шах положи заклетва како нов премиер на Непал

Балендра Шах положи заклетва како нов премиер на Непал

Катманду, 27 март 2026 (МИА) - Раперот кој стана политичар, Балендра Шах, денеска  положи заклетва како премиер на Непал, со задача да ја врати политичката стабилност и да создаде работни места во осиромашената хималајска земја која долго време бележи низа кревки влади и слаби перспективи за раст, забележуваат британските медиуми.

Шах стана премиер откако неговата релативно нова партија „Растрија Сватантра“ (RSP) на изборите на 5 март освои 182 места во парламентот со 275 места, што беше прво граѓанско изјансување по антикорупциските протести на Генерацијата Z минатиот септември, во кои загинаа 76 лица.

Поранешен градоначалник на главниот град Катманду, 35-годишниот Шах, е најмладиот премиер на Непал во последниве децении и првиот Мадеши - народ од јужните рамнини што се граничат со Индија - кој ја предводи хималајската нација сместена меѓу азиските гиганти Индија и Кина.

Шах, облечен во тесни панталони, соодветна јакна, неговата препознатлива црна непалска платнена капа и очила за сонце, положи заклетва во претседателската палата во присуство на дипломати и високи владини претставници.

„Првиот тест на новата влада лежи во транспарентното и брзо обезбедување услуги за луѓето, кои веќе од недела очекуваат рани знаци на добро управување“, рече политичкиот аналитичар Пуранџан Ахарџа. 

Недела е работен ден во Непал. 

Ахарџа рече дека првиот предизвик за Шах е спроведување на извештајот на панелот што го истражуваше насилството за време на антикорупциските протести, клучно барање на семејствата на жртвите. Извештајот препорачува гонење на одговорните за репресијата врз демонстрантите, вклучувајќи го и тогашниот премиер К.П. Шарма Оли. 

Протестите предводени од младите беа поттикнати од недостатокот на работни места и ендемската корупција во земјата од 30 милиони луѓе, каде што една петтина од населението живее во сиромаштија и околу 1.500 луѓе ја напуштаат земјата секој ден за да работат во странство,наведуваат британските медиуми.

Политичката нестабилност долго време е најголем проблем во земјата бидејќи од 1990 година во неа се сменија дури 32 влади, од кои ниту една не го заврши својот петгодишен мандат.сд/ссм/

Фото:ЕПА

Остани поврзан