• петок, 20 февруари 2026

Андоновски наредната недела на средба со претставници на Здружението на инфлуенсерите

Андоновски наредната недела на средба со претставници на Здружението на инфлуенсерите

Штип, 18 февруари 2026 (МИА) - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска од Штип најави дека се можни промени, односно законски измени, со кои се регулира работата на инфлуенсирите, а за што Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги (АВМУ) има донесено и правилник. 

- Постои правилник донесен врз основа на измените на законот од 2023 година, кој стапи во сила пред некој месец, со што се бара задолжителна регистрација на инфлуенсерите, ги слушнав и коментарите на новото Здружение на инфлуенсерите и мислам дека вреди да се дискутира за овие прашања. Да најавам дека можни се и промени затоа што не сметаме дека треба ригидно да бараме од креаторите на содржини да се однесуваат исто како и платформите за споделување на тие содржини, односно да бараме толку високи критериуми од страна на физички лица што повремено или постојано се занимаваат со оваа работа - изјави Андоновски.

Тој додаде дека инфлуенсерите ги споредува со колумнисти и, како што рече, ако не се бараат високи критериуми за регистрација и еден ригиден пристап кон креаторите на содржина во традиционалните медиуми, не гледа зошто би требало да има и толку ригиден пристап кон оваа група луѓе.

Министерот Андоновски истакна и дека неформалниот водич, кој беше донесен, создал дополнителни недоразбирања.

- Беше донесен и еден неформален документ, наречен водич, кој донесе дополнителна забуна затоа што станува збор за неформален документ кој нема правна важност, а се сфати или се презентира дека е задолжителен за употреба за оваа група креатори на јавното мислење. Тоа создаде дополнително недоразбирање помеѓу едната и другата страна - рече Андоновски.

Министерот за дигитална трансформација Андоновски денеска од Штип најави средба со Здружението на инфлуенсерите за следната недела, на која ќе се дискутираат сите отворени прашања. вдј/вг/

Фото: МИА

 

Остани поврзан