Авторска вечер со хрватскиот книжевник Борис Постников во „Центар Јадро“
- Авторска вечер со Борис Постников, еден од најпознатите хрватски книжевници, колумнисти и критичари од средната генерација, ќе се одржи во културно-социјалниот простор „Јадро“ во Скопје.
Скопје, 21 април 2026 (МИА) - Авторска вечер со Борис Постников, еден од најпознатите хрватски книжевници, колумнисти и критичари од средната генерација, ќе се одржи во 19.30 часот во културно-социјалниот простор „Јадро“ во Скопје.
Борис Постников престојува во Скопје во текот на април во рамките на книжевните резиденции во организација на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.
Во текот на Саемот на книгата, Борис Постников ќе има серија средби со македонски издавачи, критичари, писатели и читатели. Постников претходно одржа предавање на тема „Книжевна република Југославија“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во рамките на јубилејот 80 години од основањето на Филолошкиот факултет, како и јубилејот 45 години од основањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Во предавањето Постников го претстави концептот на „книжевна република Југославија“, конструиран по примерот на синтагмата „светска книжевна република“ на теоретичарката Паскал Казанова како теоретска и методолошка рамка за опишување на споделената книжевна сцена во поранешниот југословенски простор.
- Мојот пристап почнува со деконструкција на национално-центричните книжевни перспективи следејќи го примерот на современите теории за светската и транснационалната литература (Казанова, Ф. Морети, Д. Дамрош). Потоа се осврнувам на дебатите од 60-тите во врска со (не)постоењето заедничка југословенска литература, која во голема мера ги антиципира проблемите што се среќаваат во современите транснационални теории (С. Петровиќ, С. Лукиќ, итн.). Конечно, користејќи неколку примери од книжевната област - вклучувајќи современи автори, книжевни медиуми, фестивали, резиденции и издавачки проекти - го демонстрирам објаснувачкиот потенцијал на концептот „Книжевна Република Југославија“ - изјавил Борис Постников за својот истражувачки концепт и за предавањето.
Постников на 27 април во Приштина ќе биде меѓу учесниците во јавната дебата како да се унапреди регионалната културна соработка заедно со косовските писатели и интелектуалци Јетон Незирај и Шкељзен Маличи.
Борис Постников е роден 1979 година во Сплит. Тој работи за неделникот „Новости“, каде што претходно бил заменик-главен уредник. Го основал и уредувал месечниот додаток „Културне новости“, посветен на културата на постјугословенскиот регион, а моментно ја пишува колумната „Непријателска пропаганда“.
Тој е член на редакцискиот одбор на „Критика-ХДП“, портал за литературна критика на Хрватското друштво на писателите. Порано бил главен уредник на културниот двонеделник „Зарез“ и уредник на програмата „Речник на постјугословенската литература“ на Третата програма на Хрватското радио. Работел и како „копирајтер“ (специјалист за креирање медиумска содржина) во рекламна агенција, но и во Министерството за култура на Република Хрватска, каде што се фокусирал на медиумската политика.
Неговите есеи, коментари и рецензии се објавени во многубројни хрватски и меѓународни медиуми. Тој е автор на збирката литературна критика „Постјугословенска литература?“. (Постјугославанска книжевност?, 2012) и критика за рекламирањето со наслов „Неколку пораки од нашите спонзори“ (Nekoliko poruka naših sponsora, 2013). Неговата најнова книга „Книжевната Република Југославија“ (Književna republika Jugoslavija, 2025) е заснована на докторската дисертација што ја одбранил на Факултетот за хуманистички и општествени науки во Загреб.
Тој живее во Загреб, а претходно периоди од својот живот ги поминал во Сараево, Сплит, Нови Сад и во Дрвеник во близина на Макарска. ац/лв/