АВМУ реагира на навредливи пораки на СДСМ кон новинарот Бранко Героски
- Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во денешното соопштение изразува загриженост поради навредливиот, омаловажувачки и деградирачки говор во соопштенијата на политичката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија, насочен кон новинарот Бранко Героски.
Скопје, 26 декември 2025 (МИА) – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во денешното соопштение изразува загриженост поради навредливиот, омаловажувачки и деградирачки говор во соопштенијата на политичката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија, насочен кон новинарот Бранко Героски.
-Користењето на лични навреди, дисквалификации и етикетирања на новинари претставува форма на притисок која има обесхрабрувачки ефект врз слободното новинарство. Ваквиот начин на комуникација придонесува за продлабочување на поларизацијата во општеството, со што се поткопува демократијата и се врши индиректен притисок врз уредувачката независност, велат од АВМУ.
Агенцијата во повеќе наврати апелира до сите политички субјекти да покажат повисоко ниво на одговорност во јавниот дискурс, да се воздржат од навредлив и деградирачки говор кон медиумските работници и да ја почитуваат улогата на медиумите како еден од столбовите на демократијата, стои во соопштението. дма/вг/
Фото: МИА архива