• петок, 22 ноември 2024

ZEN Инклузивно soirée - модна ревија, промоција на високи вредности на општествена инклузија и отворено општество

ZEN Инклузивно soirée - модна ревија, промоција на високи вредности на општествена инклузија и отворено општество

Скопје, 25 септември 2024 (МИА) - Во Музејот на современата уметност во Скопје, Здружението Икуалити денеска преку настан ZEN Инклузивно soirée ќе ги прошири хоризонтите на скопската модна култура, промовирајќи високи вредности на општествена инклузија и отворено општество. 

Како што најавија организаторите, ZEN Инклузивно soirée има за цел да приреди уникатно искуство на 31 лице со попреченост преку креирање на адаптирана гардероба во која тие ќе продефилираат на модната ревија.

- Овој културен настан ќе биде надополнет со префинета музичка програма, кулинарско уживање и ексклузивна изложба на портрети на лицата со мисија, во кои ќе ужива публиката од модниот и културниот свет, стои во соопштението.

Инклузивното Soirée е настан на кој главни актери ќе бидат лицата со уникатни способности, директно вклучени во процесот на моделирање и креирање на колекцијата на адаптирана гардероба изработена по индивудална мерка. Гардеробата ќе биде подарена во целост по завршување на настанот на овие лица, кои гордо ќе прошетаат по модната писта и ќе имаат можност да ги артикулираат своите предизвици и способности, како и да ја промовираат потребата за нивно активно општествено вклучување и унапредување на квалитетот на животот.

- Преку модната ревија, ќе биде промовиран и брендот ЗЕН, основан од страна на Здружението Икуалити со општествена мисија – да пружи поддршка на лицата со попреченост, да го трансформира дотерувањето од фрустрација во задоволство, да влијае на квалитетот на животот, самодовербата и подигнување на нивото на нивната животна независност. Мисијата на Инклузивното Soirée е преку верба во повисока цел да креира ненадминлива позитивна енергија која ќе ги руши бариерите за најранливите и маргинализираните и да постави пример за почитување на меѓусебните различности, преку создавање на заедништво и креативни решенија кои водат кон поквалитетен живот, се појаснува во соопштението. цр/лв/

Фото: Здружение Икуалити 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан