• сабота, 21 декември 2024

UN Women: Пандемијата посилно ги погоди работните места на жените

UN Women: Пандемијата посилно ги погоди работните места на жените
Скопје, 18 јуни 2021 (МИА) - Пандемијата посилно ги погоди работните места на жените со што ја покажа нивната поголема ранливост. Процентот на жени кои добиле надоместоци за невработеност се зголеми од 52 отсто на 56 отсто во октомври 2020, како резултат на поголемиот број на загубени работни места од страна на жените, е еден од заклучоците на најновиот извештај на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија „Буџетски одлуки за време на пандемија: унапредување или попречување на родовата еднаквост?. - Во 2020, процентот на жени учеснички во активните програми на пазарот на трудот се намали на 43,8 отсто во споредба со 52,5 отсто во 2019, додека за мажите се зголеми на 56 отсто споредено со 47,5 отсто во 2019. Дополнително, процентот на жените кои добиле помош за самовработување (да отпочнат сопствен бизнис) во 2020 (30,9 отсто) се намали во споредба со претходната година (33,3 отсто), а на мажите се зголеми на 69,1 отсто во споредба со 68 отсто во 2019 година. И покрај тоа што критериумите за добивање на гарантирана минимална помош беа променети за да се обезбеди поширок опфат на корисници, процентот на жени кои ја примија оваа помош остана ист како и во 2019 година (35 отсто од вкупниот број домаќинства), додека вкупниот број на корисници на гарантирана минимална помош се зголеми за 14 отсто, се вели во извештајот. Во извештајот се посочува дека кризата предизвикана од Ковид-19 ги откри главните слабости во системите за управување и ги зајакна веќе постоечките нееднаквости, погодувајќи ги жените и мажите на различен начин. - Имајќи ги предвид родовите нееднаквости во економијата, постои опасност дека последиците од пандемијата ќе ја влошат економската положба на жените, особено од ранливите групи. Во обновата на нашата иднина, постојат можности да пружиме одговор на постоечките родови нееднаквости. Користењето на родово-одговорното буџетирање во процесите на креирање политики и буџети, особено во време на пандемија, е клучна алатка за унапредување на родовата еднаквост, се посочува во извештајот. Од UN Women информираат дека целта на извештајот е да се испита ребалансот на буџетот и да се мапираат кратењата и реалокациите на буџетот преземени од Владата на Северна Македонија како одговор на кризата, со фокус на секторите кои се од големо значење за родовата еднаквост. Извештајот дава заклучоци и секторски препораки за пазарот на труд, женското претприемништво, земјоделството и социјалната заштита. Извештајот е изработен во рамки на проектот на UN Women „Промовирање на родовоодговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, и е дел од регионален извештај на UN Women. фф/сст/

Остани поврзан