• недела, 22 декември 2024

Oштетена гумената брана за наводнување на оризовите површини кај кочанското село Грдовци

Oштетена гумената брана за наводнување на оризовите површини кај кочанското село Грдовци

Кочани, 23 април 2024 (МИА) – Вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани утрово забележале намерно оштетување на гумената брана кај селото Грдовци, што се користи за зафаќање на водата од реката Брегалница и наводнување на околните оризови ниви.

Непознат сторител со остар предмет ја исекол гумената обвивка во должина од околу половина метар, по што дошло до истекување на акумулираната вода и празнење на помошниот канал од водозафатот.

-Во изминатите седум дена имаше шест обиди за сечење на гумата и конечно, во текот на доцните вечерни или раните утрински часови, сторителот успеал во намерата. Несфатливо е зошто некој, токму на почетокот на сезоната за сеење на оризот, се одлучил на ваква постапка со која прави повеќекратна штета. Во прашање е доведено наводнувањето на околу 100 хектари оризови површини. Освен тоа, наместо средствата со кои располагаме да ги инвестираме во одржување на каналската мрежа, ќе мора дел да потрошиме за ангажирање служба за чување на гумената преграда. Настанот веќе е пријавен во полиција и очекуваме разоткривање на сторителот и на неговите мотиви за ова кривично дело, истакна Станче Стефанов, техничко лице во водостопанскта подружница „Брегалница“.

Во тек се активности за санирање на оштетувањето на гумената преграда, но постапката е отежната поради зголемената количина вода. Вработените во подружницата очекуваат до крајот на денот да ја нормализираат состојбата со наводнувањето, за да се избегне прекин на сеидбената сезона во овој регион, но и да не дојде до исушување на нивите кои веќе се посеани со ориз. та/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан