• недела, 22 декември 2024

Oдбележани 15 години од хеликоптерската несреќа кај Блаце

Oдбележани 15 години од хеликоптерската несреќа кај Блаце

Скопје, 12 јануари 2023 (МИА) - Со едноминутно молчење и полагање на свежо цвеќе, на спомен-обележјата кај катлановско Блаце и пред Командата на воздухопловниот Винг во Петровец, денеска се одбележаа 15 години од хеликоптерската несреќа, кога трагично загинаа 11 припадници од составот на воздухопловниот Винг, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА.

- На спомен-обележјето во катлановско Блаце, покрај членовите на семејствата на загинатите припадници, свежо цвеќе положи делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на армијата, составена од заменик министерот за обрана, Башким Хасани и директорот на Генералштабот на армијата, генерал-мајор Зоран Милески, од кабинетот на претседателот и врховен командант на вооружените сили, од општината Петровец, Командата за операции, воздухопловниот Винг и прва пешадиска бригада, информираат попладнево од канцеларијата за односи со јавноста на Генералштабот на армијата.

Петнаесетгодишнината од хеликоптерската несреќа, како што се појаснува во соопштението, беше одбележана од страна на припадниците на воздухопловниот Винг и пред спомен-обележјето во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец. Почит на загинатите им беше оддадена и во базата Бутмир во Сараево, во меморијалниот парк со комеморативна церемонија во чест на единаесетте загинати припадници од македонскиот контингент во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

- Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред 15 години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА, трагично ги изгубија животите потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски, се додава во соопштението. бд/аа/

Остани поврзан