• четврток, 07 ноември 2024

„CreatINNES“ - можности за поддршка на креативни бизниси и старт-апи

„CreatINNES“ - можности за поддршка на креативни бизниси и старт-апи
Скопје, 21 јуни 2021 (МИА) - Кои се можностите за поттикнување на развојот и растот на старт-апите во земјата, вклучително и оние од креативната индустрија? Кои се искуствата на организациите кои работат со нив и што е пресудно за успех на еден бизнис? Овие прашања беа во фокусот на денешната панел дискусијата „CreatINNES – Можности за поддршка на креативни бизниси и старт-апи“, организирана од Македонска развојна фондација за претпријатија. Лазар Неданоски, извршен директор во Македонска развојна фондација за претпријатија, на настанот информираше дека проектот CreatINNES, кој е финансиран од Европската Унија во рамките на Еразмус Плус програмата, овозможува додавање на претприемнички вештини на креативните вредности што ги имаат поединците за да може да се прави бизнис од тоа и развој на две тренинг програми. - Првата е насочена кон претприемнички вештини за фриленсери и старт-апи од овој сектор, а втората за креативно размислување, развој на иновации. Малку бизнис, малку креативно размислување и сето тоа е преточено во пет платформи за обука која е наречена „CreatINNES“ академија, истакна Неданоски. Експертите кои беа дел од оваа панел-дискусија го споделија своето искуство преку презентација на различни програми кои можат да придонесат за развој на старт-ап или воспоставен бизнис. Тие претставија дел од можностите за техничка и финансиска поддршка наменета за старт-апи на локално, како и на регионално ниво и можности за соработка и учество во програми поддржани од дијаспората. Александар Стамболиев, извршен директор на Бизнис Акселераторот УКИМ, сподели дека имале неколку програми како акселератор во кои што работеле со студенти, а освен програми имаат и инвестициски фонд. - Ние се посветуваме на длабински анализи на компаниите кои што ни пристапуваат и правиме финансиски проекти со цел увид во потенцијалот со кој располага старт-апот, сподели Стамболиев. Јасмина Поповска, менаџер за креирање бизнис во ЕИТ Манјуфактуринг, ги претстави можностите за финансирање на регионално и европско ниво. - Како и секаде, иновациите не припаѓаат на еден сектор, туку има преклопување на сектори и во голем дел се работи со дигитални технологии, како што се вештачка интелигенција, виртуелна реалност, и слично, кои што се применети во производството, рече Поповска. При тоа, таа нагласи дека вкупниот буџет на институтот доаѓа од Horizon Europe програмата и изнесува вкупно 5,4 милијарди евра од 2014 до 2027 година. Фокусот, како што потенцира е во образованието, иновациите и поддршката на бизниси. Никица Мојсоска-Блажевски, извршен директор во организацијата „Македонија 2025“ ги претстави можности за соработка и учество во програми поддржани од дијаспората помеѓу кои е програмата „Обука за лидер“ за млади претприемачи, кои сакаат да основаат старт-атпи при што обуката ги развива вештините за водење и развој на бизнис. Таа додаде дека во последно време работат на намалување на бирократијата и бирократскиот товар на компаниите и дека само со развиен деловен сектор, со силни компании, нашата држава може да оди напред. Дискусијата беше организирнаа во насока да се инспирираат студентите, фриленсерите и бизнисите во секторот на креативната и културна индустрија да вложуваат во нови знаења и вештини, како и да ги искористат можностите кои им се нудат на пазарот. ар/сп/

Остани поврзан