• понеделник, 02 февруари 2026

Поранешен британски министер се повлекува од Лабуристичката партија поради новите откритија за врски со Епштајн

Поранешен британски министер се повлекува од Лабуристичката партија поради новите откритија за врски со Епштајн

Лондон, 2 февруари 2026 (МИА) - Поранешниот британски министер Питер Манделсон се повлекува од Лабуристичката партија на премиерот Кир Стармер по новите извештаи за неговите врски со покојниот американски финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, објавија вчера медиумите.

Манделсон, кој беше отстранет од Стармер минатата година од функцијата британски амбасадор во Соединетите Американски Држави по откритијата за неговите врски со Епштајн, рече дека не сака да предизвика „понатамошен срам“ за Лабуристичката партија, се вели во извештаите.

„Овој викенд повторно бев поврзан со оправданата контроверзност за Џефри Епштајн и жалам за тоа“, рече Манделсон во писмо до Лабуристичката партија, објавено од Би-би-си и други.

Манделсон рече дека верува оти наводите за плаќањата на Епштајн на неговата сметка, кои се појавија во британските медиуми врз основа на документи објавени од Министерството за правда на САД, се лажни и ќе ги истражи.

„Додека го правам ова, не сакам да предизвикам понатамошен срам за Лабуристичката партија и затоа го повлекувам моето членство во партијата“, се вели во писмото.

Манделсон беше клучен во изборниот успех на Лабуристичката партија кога Тони Блер беше премиер на почетокот на 90-тите.

Минатата година тој беше под лупа откога американските пратеници објавија документи вклучувајќи писмо во кое тој го нарече Епштајн „својот најдобар другар“, што доведе до негово отстранување од функцијата британски пратеник во Вашингтон.

Манделсон исто така имаше турбулентна кариера во домашната политика. Во 1998 година тој поднесе оставка од функцијата министер за трговија поради заем што го добил од колега министер за да купи куќа, што иницира прашања за конфликт на интереси.

Вториот мандат во кабинетот исто така заврши со неговата оставка во 2001 година кога мораше да си замине поради неговата наводна вмешаност во заговор за пасоши предводен од индиски милијардер. Подоцна беше ослободен.

Манделсон, поранешниот комесар на Европската комисија за трговија, го замрзна своето место во горниот дом на британскиот Парламент поради неговата амбасадорска позиција.

Премиерот Стармер исто така во саботата изјави дека поранешниот британски принц Ендру треба да сведочи пред американскиот конгресен комитет по новите откритија за неговите врски со Епштајн. мс/јт/

фото: ЕПА

Остани поврзан