• недела, 22 декември 2024

16-от Виз Ер Скопски маратон се одржа по специјален протокол за заштита од Ковид-19

16-от Виз Ер Скопски маратон се одржа по специјален протокол за заштита од Ковид-19
Скопје, 4 октомври 2020 (МИА) - Денеска, по специјален протокол за заштита од Ковид-19, се трчаше Виз Ер Скопски маратон под мотото „Трчањето ќе те промени“. Поради пандемијата со Ковид-19, на маратонот оваа година трчаа ограничен број на учесници, 1.500, во три дисциплини, маратон, полумаратон и штафетен маратон. Стартот и целта на учесниците беше пред СЦ Борис Трајковски, а патеката по која што трчаа остана иста како и минатите години. Победник на државното првенство во маратон на Македонија во организација на Атлетска федерација на Македонија е Дарио Ивановски со време од 02:31:16, на второ место е Александар Кираџиев со време од 02:40:57, а на трето место заврши Марјан Бонев со истрчан маратон за време од 02:42:41. Во женска конкуренција, победник на државното првенство во маратон е Адријана Поп Арсова 02:58:14, на второ место за време од 03:13:21 заврши Билјана Кираџиева, а на трето место е Весна Кираџиева со време од 03:27:41. Во државното првенство во полумаратон победник е Атанас Анчевски со време од 01:14:09, на второ место е Милош Ранчиќ со полумаратон истрчан за време од 01:14:19, а на трето место со време од 01:17:20 заврши Димитар Петровски. Најдобра во женска категорија на државното првенство во полумаратон е Милјана Ристиќ со 01:26:31, Сања Најдовски се најде на второто место со 01:38:33 и на третото место заврши Маја Рајчина со време од 01:38:52. „Овогодинешното издание на Виз Ер Скопски маратон е многу добар пример за тоа дека кога се има волја, скоро сѐ може да се постигне со вистинските здравствени и безбедносни мерки, дури и во времиња на предизвици. Честитки до победниците и до сите учесници кои одбраа здрав начин на живот и кажаа „Да“ на трчањето овој викенд. Ние сме среќни што одбележавме уште еден одличен спортски настан како дополнување на различните и возбудливи можности за патување на Виз Ер понудите од Скопје“, официјално за маратонот изјави Паулина Госк, менаџерот за корпоративни комуникации на авиокомпанијата Виз Ер. Амбасадорот Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата на ЕУ кај нас изјави дека Европската Унија се радува што и годинава го поддржа маратонот, како и секоја година, почнувајќи од 2007-та. „Скопје е веќе познат како град кој одржува годишен маратон, што го става на мапата заедно со другите градови во Европската Унија и низ целиот свет кои што одржуваат вакви настани. Ова помага градот да се промовира и како дестинација за трчање, но и како туристичка дестинација. Маратоните отелотворуваат неколку вредности на ЕУ: лична благосостојба, солидарност, единство и разновидност. Ова е причината зошто Скопскиот маратон стана толку важна одлика на одбележувањето на Денот на Европа овде“, изјави амбасадорот Гир. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов се заблагодари на целата организација и волонтерите кои што работеа во вонредни услови за да го овозможат овој историско спортски настан. Тој изјави дека Градот Скопје како и секогаш, обезбеди логистичка и финансиска поддршка за потребите на организацијата со помош на јавните претпријатија кои што имаа за задача да се погрижат за состојбата и безбедноста на патеката долга 42.195 метри. Организаторите на Виз Ер Скопски маратон им честитаа на победниците, а и на сите учесници и волонтери за вложеноста и спортскиот дух кој што ниту оваа година не изостана. „Среќни сме што успеавме успешно да го спроведеме Виз Ер Скопски маратон според посебно донесениот протокол за оваа година. Докажавме дека кога сме дисциплинирани, можеме да направиме сѐ, а и да си го заштитиме здравјето. Им честитам на победниците и на учесниците. Ова е победа за сите нас во оваа година на пандемија. Се гледаме до година, во полно здравје и силен спортски дух.“, порача Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон. Виз Ер Скопски маратон се одржа во организација на Сојузот на спортови на Скопје, а во соработка со Министерството за внатрешни работи, Атлетската федерација на Македонија, АК Работнички и други помагатели и под покровителство на Град Скопје, Канцеларијата на Европската Унија во Скопје и Агенцијата за Млади и Спорт.

Остани поврзан