• недела, 22 декември 2024

Џо Бајден го одликуваше Брус Спрингстин и десетици други познати Американци

Џо Бајден го одликуваше Брус Спрингстин и десетици други познати Американци

Вашингтон, 22 март 2023 (МИА) - Претседателот на САД, Џо Бајден вчера им додели национални медали на повеќе познати личности за нивниот придонес во американското општество. Меѓу нив се рокерот Брус Спрингстин, глумицата Џулија Луис-Драјфус, историчарот Волтер Ајзаксон и писателката Ејми Тан.

При одликувањето на Спрингстин со Националниот медал за уметности, имајќи ја предвид песната на Спрингстин, „Born to Run“, Бајден рече: - Брус, некои луѓе се просто родени да трчаат, човеку!

Мноштвото уметници и општественици му се придружија на Бајден во „Источната соба“ на Белата куќа за да ги добијат националните медали. Комичарката Џулија Луис-Драјфус, чија ТВ-серија „Потпретседателот“ фрли нови погледи на потпретседателството - функција што некогаш ја имаше и Бајден, исто така беше почестена.

- Таа го прифаќа животниот апсурд со апсолутна духовитост и се справува со вистинските пресврти во животот со апсолутна благодат. Таа е мајка, таа е преживеана од рак, таа е пионер во комедијата, таа е американски оригинал, изјави Бајден за Луис-Драјфус, која многумина ја знаат и по улогата во серијата „Сајнфелд“.

Одличје доби и глумицата Минди Калинг, една од главните ликови на долгогодишната ТВ-серија „Канцеларија“ (The Office), чијашто приказна беше сместена во родниот град на Бајден - Скрентон, Пенсилванија, САД.

Кога Бајден го претстави писателот Колсон Вајтхед пред присутните, тој нагласи дека ја добил Пулицеровата награда за неговите книги две години по ред.

- И јас ќе пробам двапати по ред!, се пошегува Бајден, кој претходно навести дека има намера повторно да се кандидира за претседател во 2024 година.

Почестени беа и пејачката Гледис Најт, модната дизајнерка Вера Ванг, писателите Ен Пачет и Тара Вестовер, меѓу другите.  си/

Фото: ЕПА.

Остани поврзан