• сабота, 16 ноември 2024

Џафери: Целосната институционална координација, за да се обезбеди функционалност и олеснет пристап до новите патни исправи е приоритет

Џафери: Целосната институционална координација, за да се обезбеди функционалност и олеснет пристап до новите патни исправи е приоритет

Скопје, 9 февруари 2024 (МИА) - Премиерот на техничката Влада Талат Џафери вели дека не се исклучуваат комуникациите со сите чинители кои можат да го олеснат процесот со издавањето патни исправи со новото име на државата.

-Ние прво треба да преземеме мерки и активности кои се во наша надлежност и одговорност. Не се исклучуваат комуникациите со сите чинители кои можат да го олеснат процесот. Но, прво ние треба да одговориме на нашите обврски овде, за да ги спроведеме нашите обврски. Тоа што не може да се доврши е предмет на размислување и по тој пат да се искомуницираат сите фактори кои можат да влијаат на средување на оваа состојба, да се исполнат обврските во соодветен рок, време, процедура за да обезбедиме функционалност на сите потреби на луѓето, одговара Џафери на прашање во интервју за „Дојче Веле“ дали како Влада ќе се преземат мерки да се олесни состојба со патните исправи, дури и во комуникација со Грција.

Во врска со тоа дали на 12 февруари Република Северна Македонија, Владата, има обврска да го информира светот дека тие патни исправи повеќе не важат, премиерот Џафери потенцира дека тоа се меѓународни норми и прописи кои се во надлежност на Министерството за надворешни работи, но, истакна дека ќе се направат соодветни консултации на ниво на Владата, консултации со меѓународните институции и после извршените консултации ќе се има и конечна одлука дали ќе се пристапи или нема кон таа процедура да се спроведе или не.

Во однос на прашањето дали ќе се средат состојбите наскоро и дали ќе се забрза процедурата со пасошите, премиерот Џафери одговори дека она што е надлежност на Владата, ќе се регулира со соодветни одлуки, но понатаму, како што посочи премиерот, одлуките треба оперативно да ги спроведат соодветните институции.

-Оваа работа не зависи само од министерот, од премиерот или Владата. Ова е конгломерат на обврски од последниот вработен долу во Министерството за внатрешни работи до последниот вработен во Владата и таа работа мора да е искоординирана. Тоа е систем кој има хиерархија и треба да функционира. Тоа е систем на субординација во институциите, вели Џафери во интервјуто за „Дојче Веле“. сст/aa/

фото Влада на РСМ

Остани поврзан