• понеделник, 23 декември 2024

Џафери: Секогаш сум отворен кон новинарите, работиме на подобрување на транспарентноста на Парламентот

Џафери: Секогаш сум отворен кон новинарите, работиме на подобрување на транспарентноста на Парламентот
Скопје, 1 октомври 2021(МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот вебинар на тема: „Подобрување на соработката меѓу парламентите и новинарите за поголема отчетност и транспарентност“, на кој присуствуваа и претставник од Советот на Европа, како и претставници на ЗНМ и на меѓународни организации, говореше за соработката меѓу законодавниот дом и новинарите и како таа да се подобри. - Овој вебинар го гледам на некој начин и како продолжение на дискусијата по јулската работна средба што ја имавме со вас почитувани новинари за координација на медиумските политики и реформи и верувам дека ова е јасен индикатор за мојата достапност и волја за соработка, секако и на колегите пратеници и на Собранието впрочем. Знаете дека заеднички став на претседателството е Собранието да биде секогаш отворено и достапно за вас, преку вас за граѓаните, за невладините организации и се разбира меѓународната јавност, истакна Џафери, нагласувајќи дека новинарите се дел од Собранието како институција. Тој потенцира дека секогаш бил отворен кон сите новинари и никогаш не правел селекција на медиуми. - Потврда на овој исказ е и самата анализа и изјавите на вашите колеги новинари кои немаат забелешки во тој дел, освен можеби во делот дека брифинзите треба да бидат свикани и надвор од тој циклус, односно кога се појавува прашање кое буди голем интерес кај граѓаните. Јас сум свесен дека ваша должност е да имате информација која би ја пренеле најбрзо што може до граѓаните, вашите читатели. При тоа, информацијата треба да биде веродостојна, потврдена од официјални извори, поткрепена, односно со добиени искази од сите инволвирани страни по одреденото прашање, рече претседателот на Собранието, додавајќи оти не може и не смее да влијае на другите колеги пратеници во однос на тоа како тие ќе постапат. Џафери нагласи дека секој пратеник има свое лично мислење во однос на тоа како и колку ќе биде присутен во јавноста. - Не сакам да навлегувам во тоа дали секој пратеник смее или кој смее да искажува став по одредено прашање, тоа е прашање на секоја пратеничка група индивидуално, иако, по мое, со самото тоа што сме добиле легитимитет од граѓаните да ги застапуваме во Собранието, демократското право, личниот интегритет, размислување, на крајот на краиштата и идеологијата што ја застапуваме, би требало да бидат доволни за да можеме да искажеме став, подвлече Џафери. Според него, многу е важно да се сфати дека пратениците се исто така обични луѓе чиј што живот наеднаш станува јавен и разбирливо е дека не секој веднаш се снаоѓа во таа улога, особено во делот комуникација со новинарите, медиумите. - Факт е дека со помош на нашите донатори и меѓународни партнери се организираат разноразни работилници на кои се работи на нивниот јавен настап и комуникација, меѓутоа, не помалку важна е и улогата на новинарот во овој сооднос. Имено, ако е целта добивање на став, прашањата мораат да бидат јасни и недвосмислени, а одговорите треба да бидат точно и веродостојно пренесени за да не дојде до ситуација на коригирање или демантирање на исказ којшто во меѓувреме секако ќе направи штета, било на пратеникот, пратеничката група а се разбира, и на медиумот, затоа што сите страни треба да водат сметка за својот кредибилитет, рече Џафери. Првиот парламентарец нагласи дека е свесен оти новинарите не се секогаш сте во можност да добијат снимен видеоматеријал, и жали што заради пандемијата мораа да бидат наметнати вонредни протоколи за работа од страна на здравствените институции, меѓутоа, како што рече, и законодавците морале да се приспособат а сепак да ја задржат функционалноста на институцијата. - Заради таа причина, а се разбира со цел заштита на општото здравје и спречување на понатамошното ширење на вирусот, се забрани присуството на новинарите на комисиските седници, на пленарните седници, со што автоматски се оневозможи вашиот директен физички контакт со пратениците и знам дека тоа беше огромен хендикеп. За жал, единствениот можен директен пренос беше само од пленарните седници кои исто така ги одржувавме во Салата под купола во која пак немавме можност за електронско гласање што исто така претставуваше хендикеп, и од Сала Борис Трајкоски кога имаше седница Комисијата за финансирање и буџет, објасни Џафери. Тој изрази жалење што останала медиумски непокриена работата на сите преостанати работни тела и оти поради тоа се отворил простор за менување на мислењето во однос на транспарентноста во работењето на Собранието. - Знаете дека имав обид, поучен од примерите во другите парламенти, да се префрлиме на онлајн работење, со цел да се одржи функционалноста на институцијата, меѓутоа, како што знаете, тој обид пропадна и се инсистираше на физичко присуство на пратениците во салите. Знаете како се перципираше доаѓањето на двајцата пратеници од домашна изолација на работа во Собранието. За жал, ниту пратениците не се имуни на вирусот и се соочувавме со огромни тешкотии во работењето и обезбедувањето на кворум за работа, истакна претседателот на Собранието. Џафери вели дека сепак, имајќи ја секогаш на ум транспарентноста во работењето, постојано биле во потрага по нови решенија кои ќе овозможат надминување на техничките препреки за транспарентноста. - За среќа, до нас се нашите долгогодишни донатори и партнери, Програмата за парламентарна поддршка и се разбира, Националниот демократски институт со чија помош ќе се воспостави собраниско ТВ студио со богата програма од собранискиот живот, со интервјуа на пратеници и приближување на предложените законски решенија до граѓаните на едноставен и разбирлив јазик, односно, каков реален импакт во реалниот живот на граѓаните ќе произведе одредено законско решение, истакна Џафери. Тој објасни дека ќе се овозможи и стриминг на комисиските седници што секако во огромна мера ќе ја долови вистинската атмосфера и тек на расправата. - Во план е надградба на веб-страницата на Собранието, по примерот на, се надевам барем донекаде, со естонскиот Парламент и јас сум убеден дека сите овие активности што се во план за наредниов период, ќе го доближат законодавниот дом до Вас почитувани новинари, до граѓаните и целата меѓународна јавност и ќе го подобрат впечатокот за Собранието на Република Северна Македонија, подвлече претседателот на Собранието Талат Џафери. ир/сп/

Остани поврзан