• понеделник, 23 декември 2024

Џафери: Парламентарното мнозинство засега има 64 пратеници 

Џафери: Парламентарното мнозинство засега има 64 пратеници 
Скопје, 29 септември 2022 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека засега брои 64 пратеници. -Парламентарното мнозинство сега засега има 64 пратеници, рече на редовната средба со новинарите претседателот на Парламентот. Прашан дали некој од пратениците на ДУИ го променил статусот во независен пратеник, Џафери рече дека нема такво известување до него и оти официјалниот статус е „пратеници на ДУИ“. -Сечие право е да си го искаже својот статус како пратеник и во тоа има слобода. Нема известување. Официјалниот статус е пратеници на Демократската унија на интеграција, рече претседателот на Собранието. Џафери не сакаше да ги коментира случувањата во неговата матична партија ДУИ. -Ако е за партијата, јас стојам на страна на партијата. Јас сум вложил во создавањето на тој субјект, рече тој. Џафери вели дека нема комуникација со опозицијата. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не доаѓа на редовните средби во понеделник, а како што кажа, претседателот на Собранието, немаат веќе ниту неформални средби бидејќи тие се злоупотребувале. - Пленарната седница за одлуките за продолжување на кризната состојба ќе биде закажана утре, изјави Џафери додавајќи дека за одлуките треба да се гласа најдоцна до полноќ. Претседателот на Собранието, рече дека речиси за десетпати се зголемени трошоците за струја во споредба со август минатата година и дека во изминатиов период се преземени мерки за штедење. Исто така е информирано Министерството за финансии за пренамена на средства од други ставки, меѓу кои, и патните трошоци за да се покријат трошоците за комуналии. Џафери исто така забележа и дека неколку комисии одржуваат расправи по десетина продолженија само за по неколку точки на дневниот ред. На пример Комисијата за избори и именувања, одржала 12 расправи за една точка, а само на едно од продолженијата биле потпишани за присутни 58 пратеници за што им следуваат патни трошоци. - Кој е кост бенефитот, рече Џафери. Иницијативата за референдум на Левица се уште не е доставена до Собранието. ев/аа/

Остани поврзан