• петок, 22 ноември 2024

Џафери и Шаќири го посетија Универзитетот „Мајка Тереза“

Џафери и Шаќири го посетија Универзитетот „Мајка Тереза“

Скопје, 20 февруари 2024 (МИА) – Техничкиот премиер Талат Џафери и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, денеска го посетија Универзитетот „Мајка Тереза“, при што беа информирани за потребите на високо образовната установа.

Имајќи ги предвид предизборните ограничувања, Џафери посочи дека не може да се носат конечни одлуки кои имаат финансиски импликации, но вели не е пречка да се направи евалуација и по изборите соодветно да се одговори на барањата и потребите на Универзитетот. 

– Секако имавме прилика да се запознаеме и со потребите коишто се пред универзитетската управа во смисла на просторот, лабораториите и се друго во контекст на она што се институционални обврски, изјави Џафери.

 Шаќири, ја истакна инфраструктурата како фактор за успех на секоја високо образовна институција, но вели академскиот аспект е исто така важен за успех на студентите.

Посочи дека со Буџетот 2024 година дополнително се предвидени средства за Универзитетот „Мајка Тереза“. 

– Мислам дека многу важен фактор за успех на секоја високо образована институција е инфраструктурата како дел за подобри резултати, но исто така и другиот дел од академскиот аспект е многу важен за да постигнат поголем успех сите студенти, рече Шаќири.

Во одговор на новинарско прашање во врска со тоа зошто Џафери откако е на функцијата претседател на Влада посетува места со доминантно албанско население и дали ќе посети и други универзитети, вели нема предрасуди по тоа прашање, ниту проблем да направи каква било посета доколку се покаже интерес.

– Јас сум магистер по одбрана на Филозофскиот факултет на УКИМ и првиот колективен договор си го потпишав со Универзитетот УКИМ, така што немам никаква предрасуда по однос на она што значи присуството и претставувањето. Никаков проблем не е да се направи и таква посета и ќе направам доколку управата и Ректоратот искаже интерес да бидеме таму. Јас за себе немам никаква предрасуда по однос на ниедно прашање што се однесува до животот и живеењето во оваа преубава држава што ја имаме, рече Џафери.

Додаде дека функцијата премиер на Република Северна Македонија ја извршува за сите граѓани во земјава, но нивната перцепција вели е индивидуална работа.

- Јас сум премиер на сите граѓани. Сега кој како ме перципира тоа е индивидуална работа. Јас во тоа не се мешам, рече Џафери. ра/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан